Парите од договорот за заем од 500 милиони евра со унгарската Експорт-импорт банка, што денеска во Будимпешта во име на Владата го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се очекува наредната недела да легнат на девизната сметка на Министерството за финансии.
Димитриеска-Кочоска повтори дека каматна стапка е 3,25 проценти, со период на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од три години. Овие пари ќе влезат во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра ќе останат во Буџетот и ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти на општините.
– Компаниите ќе треба да аплицираат кај Развојната банка, а таа понатаму ќе стапи во комуникација со нив. Приватниот сектор треба да знае дека средствата ги обезбедивме, штом ќе легнат на сметка ќе ги пренасочиме кон Развојната банка и понатаму таа ќе се договори со комерцијалните банки како ќе бидат распределени парите по комерцијалните банки – рече Димитриеска-Кочоска од Будимпешта за Сител.
Условите под кои приватните компании ќе ги користат парите од унгарскиот кредит ќе бидат истит како и за државата.
– Истите услови. Тука нема дилема. Истата каматна стапка, 15 години рок на отплата со вклучени три години грејс период. Она што е важно, што и компаниите го знаат, станува збор за компании кои се производни, кои ќе инвестираат во машини и во опрема. Ние рековме дека нема да ставиме само акцент на извозните компании, може да се и домашните компании коишто произведуваат и продаваат на домашниот пазар. Целта е или да го поттикнеме извозот или да го намалиме увозот. Ефектот е потполно ист. Затоа велиме производни компании под истите услови под коишто и ние го обезбедуваме кредитот – рече Димитриеска-Кочоска.
Прашана дали комерцијалните банки ќе побараат некаков процент за да ја овозможат услугата околу доделување на кредитите на фирмите рече дека разговараат банките да ја поддржат работата со минимални или никакви заработки.
– Првичните разговори ни беа сепак и тие да учествуваат во целата оваа работа за да ја заживееме економијата. Заеднички ќе се потрудиме да најдеме начин како и комерцијалните банки да ја поддржат целата оваа работа со минимални или речиси никакви заработки. Секако ќе разговараме, Развојната банка ќе разговара со нив и ќе видиме понатаму како ќе оди целата постапка – вели министерката за фианнсии.
Таа најави дека во Будимпешта се договориле и за дополнителни 500 милиони евра и Министерството за финансии од следната недела ќе ја почне процедурата за одобрување на овие пари под истите услови. Тоа за нас како држава е многу важно, додаде, затоа што во јануари доспева еврообврзница од 500 милиони евра. Се очекува договорот за втда биде потпишан до средината на декември, а исплатата да се заврши до средината на јануари, наредната година.
– Значи, следната недела започнуваме повторно постапка, затоа што, исто така, треба да биде одобрено од страна на Собранието на Република Македонија – вели министерката.
Во врска со обвинувањата од опозицијата дека власта зема сомнителни пари кои не ставаат во должничко ропство, Димитриеска-Кочоска наведува дека целата постапка за кредитот била транспарентна и одобрена со закон во Парламентот.
– Па, јас не знам што е сомнително, кога Собранието го гласало, како може нешто да биде сомнително. Второ, премногу транспарентно кажуваме на што ќе се трошат парите и мислам дека опозицијата треба малку повеќе да се грижи како ги трошела парите во минатото. Државниот завод за ревизија излезе со извештаи, очекувам дека ќе има и одредени предмети коишто ќе се процесуираат понатаму, така што јас би била загрижена повеќе за тоа. Во овој дел транспарентно зборуваме, а мислам дека премиерот Виктор Орбан кога беше во Македонија многу јасно објасни дека тие пари коишто тие ги добиле од кинески кредит се наменети точно за конкретни проекти. Ова се унгарски пари, а кога зборуваме за унгарски пари зборуваме за пари на Европската Унија и не гледам тука ништо спорно – потенцира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Унгарскиот кредит го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, а Законот за заем беше изгласан во македонското Собрание на 17 септември годинава.