Американскиот претседател Џо Бајден за време на прес-конференција го згреши името на вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Вчера, Бајден се сретна со вдовицата и ќерката на покојниот руски опозиционер, Јулија и Дарија Навални во Калифорнија.
– Ја имав честа да се запознаам со сопругата и ќерката на Алексеј Навални, кој беше човек со неверојатна храброст, и неверојатно е како неговата сопруга и ќерка гледаат на тоа – изјави Бајден (81) пред новинарите во Сан Франциско.
Американскиот лидер најави нови санкции против Русија.
– Во петок ќе објавиме нови санкции против (рускиот претседател Владимир) Путин, кој е одговорен за неговата смрт. Јасно ми е дека Јоланда ќе ја продолжи борбата што ја водеше нејзиниот сопруг. Значи, не се откажуваме – рече Бајден.
Белата куќа, според Њујорк пост, веднаш не го коментирала фактот дека Бајден повторно ги измешал имињата.
Бајден инаку бара реизбор во ноември и покрај анкетите кои покажуваат дека дури 86% од граѓаните, според анкетата на Еј-Би-Си/Ипсос, веруваат дека тој е премногу стар за да отслужи уште еден четиригодишен мандат.
Јулија Навални, која е економист, се смета за можен наследник на нејзиниот сопруг како најголем противник на режимот во Русија. Даша Навални е студент на Универзитетот Стенфорд.
Белата куќа по средбата соопшти дека Бајден им изразил „искрено сочувство“ на сопругата и ќерката на починатиот опозиционер за нивната загуба.