Американскиот претседател Џозеф Бајден нема да се ракува со израелскиот премиер Јаир Лапид за време на неговата посета на Блискиот Исток, поради најновото зголемување на случаите на Ковид-19 во САД и Израел.
Според „Џерусалим пост“, Белата куќа го информирала кабинетот на Лапид дека традиционалното ракување ќе биде изоставено за време на состанокот на шефовите на држави во среда, во обид да се заштити Бајден (79).
Ваквата одлука е донесена во време кога инфекцијата со коронавирус повторно се шири и во САД и во Израел.
Во САД седумдневниот просек на новозаразени лица е речиси 134.000, што е за 20.000 повеќе отколку во јуни, судејќи според најновите податоци објавени од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пренесува агенцијата.
Во меѓувреме, во Израел секој ден има во просек по 7.300 нови случаи на инфекција, а пред еден месец имало 4.800, покажуваат податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.
Белата куќа го засили протоколот за ковид околу Бајден, за да се осигура дека најстариот претседател што ја презеде функцијата не се зарази.
Тие мерки вклучуваат советниците на Бајден да се тестираат еднаш неделно и да носат маски N95 на денот на средбата со него, пишува Њујорк Тајмс.
Во Израел денеска ќе се одржи последната проба на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив, како дел од подготовките за пристигнувањето на Бајден во среда попладне.
На министрите, кои беа поканети на церемонијата за пречек, им беше кажано дека нема да има ракување со американскиот претседател, ниту селфи, меѓу другото, поради неговите многубројни обврски за време на посетата и топлото време.
Министрите беа поканети на приемот кај претседателот на Израел Исак Херцог без нивните сопрузи, но ќе можат да се фотографираат со него, Бајден и премиерот Лапид.
Американските организатори на посетата бараат секој што ќе дојде на три метри од американскиот претседател да има негативен тест за Ковид-19 во претходните 24 часа.
Барањето за едноставна церемонија за пречек на Бајден, за кое првпат беше објавено во јуни, ги поттикна израелските медиуми да шпекулираат дека тоа би можело да биде обид да се избегне инцидент во мај 2017 година, кога пратеник проби низ редот на високи функционери за да направи селфи со тогашниот претседател Доналд Трамп.
Премиерот на Израел во неделата изрази надеж дека земјата ќе воспостави официјални дипломатски односи со Саудиска Арабија, кралството во кое Бајден ќе отпатува директно од Израел во петок.
Израел и Саудиска Арабија немаат дипломатски односи, но имаат воспоставено тајни безбедносни врски поради нивното заедничко непријателство кон регионалниот ривал Иран.
Белата куќа, сепак, во понеделникот објави дека нормализирањето на односите со Ријад ќе биде долг процес.