„Плодни“ разговори имале украинскиот и американскиот претседател во Киев, а било зборувано и за набавка на оружјето од долг дострел, информираше украинскиот лидер Володимир Зеленски на ненадејната средба утринава со својот колега. Дали Бајден конечно ќе ѝ ги достави на Украина ракетните системи со дострел до 300 километри кои толку долго беа побарувани?
Вашингтон ќе му обезбеди на Киев нов пакет воена помош во вредност од 500 милиони долари, кој ќе биде објавен во вторник, откри Бајден на средбата.
– Кога Путин ја започна својата инвазија речиси пред една година, мислеше дека Украина е слаба, а дека Западот е поделен. Мислеше дека можеше да нè истроши. Но, ептен згреши – изјави Бајден.
Во соопштението од Белата куќа, претседателот рече дека ќе објави „уште една испорака на критична опрема, вклучително и артилериска муниција“ и додаде дека ќе има нов пакет санкции за Русија подоцна оваа недела.
– Една година подоцна, Киев стои исправен. И Украина стои. Демократијата стои – рече Бајден.
За Зеленски посетата на Бајден е „исклучително важен знак за поддршка за сите Украинци“ и додаде дека преговорите меѓу двајцата се „клучни“.
Тој рече и дека ќе продолжи да прави сè што е можно за да се осигура дека демократскиот свет „победи во оваа историска борба“.
Бајден доаѓа во Киев ненајавено, само четири дена пред годишнината од војната. Се очекува голем руски напад на тој ден. Истовремено, за утре е закажано големо обраќање на рускиот претседател Владимир Путин.
Додека САД ветува воена помош за Украина, американските власти ја предупредија Кина дека ако ја вооружи Русија тоа би било преминување на црвената линија.