Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги прими честитките на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џозеф Бајден по повод Националниот ден, 15 февруари, соопшти Претседателството.
„Во име на народот на САД, вам и на српскиот народ ви честитам по повод одбележувањето на Денот на државноста 15 февруари“, се вели во честитката на претседателот на САД и се наведува дека „ САД ја ценат поддршката што Србија и ја пружи на Украина во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет кога се соочи со бруталната инвазија на Русија“.
„САД силно го поддржуваат патот на Србија кон пристапување во ЕУ и остануваат посветени да и помогнат на Србија да ги зајакне своите демократски институции кон исполнувањето на оваа цел. Изградбата на поуспешен и постабилен Западен Балкан е во интерес и на САД и на Србија, а во текот на следната година со нетрпение очекувам да ја унапредиме оваа цел преку зајакнување на регионалната енергетска безбедност и проширување на нашите економски врски“, се додава.
„Нашите вооружени сили продолжуваат да служат рамо до рамо во Синај, унапредувајќи го регионалниот мир и безбедност. „Учеството на Србија во мировните мисии на Обединетите нации и на Европската унија беше клучно и за поддршка на стабилноста во другите делови на светот“, се наведува во честитката на американскиот претседател.
Бајден додаде дека „ја охрабрува Србија да продолжи со минатогодишниот напредок постигнат во дијалогот со Косово, со посредство на Европската унија“.
„Договорот за нормализација и имплементација претставува клучни чекори кон помирна и поуспешна иднина за Србија, регионот и Европа“, се наведува во честитката на американскиот претседател.