Актуелниот американски претседател, демократот Џо Бајден и неговиот републикански противкандидат Доналд Трамп лесно ги добија своите партиски прелиминарни избори во Њујорк, Конектикат, Род Ајленд и Висконсин во вторникот.
На изборите учествуваа помал број гласачи, бидејќи Џо Бајден и Доналд Трамп веќе ги добија номинациите на нивните партии.
Тие успеаја да ги добијат номинациите на почетокот на март, дури и пред партиските гласачи во половина од 50 американски држави да го кажат својот збор. Со државните победи, и двајцата обезбедија доволен број делегати за да ја потврдат својата претседателска кандидатура на конвенциите што републиканците ќе ги одржат во Милвоки (Висконсин) во јули, а демократите во Чикаго (Илиоис) во август.
Поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, која веќе се откажа од трката, синоќа освои некои гласови, но ниту еден делегат од републиканците. Меѓу демократите, пак, имаше некои протестни гласови против Бајден, кои не отидоа кај ниту еден кандидат. Само во државата Њујорк, според неофицијални резултати, активистката Маријана Вилијамсон добила нешто повеќе од 15.000.
На овогодинешните избори во САД, кои ќе се одржат во првиот вторник во ноември, покрај Бајден и Трамп, ќе учествува и внукот на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, Роберт Кенеди Џуниор, кој можеби нема да победи, но може одземе неколку гласови на едниот или на другиот кандидат на најголемата партија.
Пред некој ден, тој изјави за Си-Ен-Ен дека Бајден е поголема закана за американската демократија од Трамп, бидејќи неговата влада изврши притисок врз социјалните мрежи да избришат некои контроверзни содржини, како што се добро познатите теории на заговор на Кенеди за вакцините против заразни болести.