Иран одлучи да го нападне Израел, изјави министерот за надворешни работи на Израел, Кац, во услови на интензивен дипломатски притисок да се избегне каква било понатамошна воена акција што може да предизвика целосна војна меѓу двете земји.
Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Иран, Али Багери му ја пренел пораката.
– Иран не информираше дека има намера да го нападне Израел. Светот треба да бара од Иран да плати за секоја агресивна акција што ќе ја преземе – рече Кац.
Во разговорот што Багери го одржал со неговиот колега од Бахреин, Абдулатиф бин Рашид Алзајани, тој зборувал за решеноста на неговата земја да одговори на атентатот на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Хани во Техеран минатата недела.
Израел не ја презеде одговорноста за нападот, но се верува дека го извршил.
„Молкот во врска со ширењето на злите дела на ционистичкиот режим ќе биде штетен за регионалната стабилност“, изјави ирански претставник.
САД веруваат дека ирански напад би можел да се случи во следните 48 часа.
САД испратија конзистентни пораки преку својот дипломатски ангажман, охрабрувајќи ги другите земји да му пренесат на Иран дека предизвикувањето ескалација на Блискиот Исток не е во нивен интерес, изјави денеска портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен денеска разговараше со премиерот на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, како и со шефот на египетската дипломатија, Бадр Абделати, за тензиите на Блискиот Исток, додаде Милер на прес-конференцијата.
Милер не прецизираше дефинитивно дали пораките на Вашингтон се пренесени до Иран, пренесоа британските медиуми.
Американскиот претседател Џо Бајден треба да се сретне со неговиот тим за национална безбедност за да разговара за ситуацијата додека командантот на американскиот CENTCOM, генерал Мајкл Ерик Курила, го посети Израел и се состана со министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херцл Халеви.