Клубот на извозници, Националниот совет за извоз и Институтот за извоз ќе претставуваат столб на Комората во наредните 10 години. Од Владата бараме и се усогласуваме да ја ставиме политиката на страна од економијата и да се занимаваме со економските прашања кои треба да и донесат напредок на земјата и раст на БДП од над 3%, порача претседателот на Стопанската комора и на Националниот совет за извоз, Бранко Азески на денешната седница на Клубот на извозници при Стопанската комора.
На седницата се зборуваше за активностите на Царинската управа за олеснување на трговските процедури, мерките за поддршка на конкурентноста и промоцијата на извозот на компании од земјоделско-прехранбениот сектор, како и за стратегијата за поддршка на извозните компании за периодот од 2024 до 2028 година.
-На минатата седница ветивме дека на ваше барање ќе го викнеме директорот на Царинската управа и еве денеска го донесовме заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Се што имате кажете им, а доколку имате и други барања на наредната седница ќе обезбедиме други информации, а ќе ви ги соопштиме и информациите кои ги имаме – рече Азески.
Тој информира дека на седницата на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) е одлучено на секоја седница да има посебна точка на дневен ред за проблемите на извозниците во шесте земји од Западен Балкан.
-На тој начин ќе имате пристап за решавање на проблемите кои ќе се јават на тој план. На сајтот на КИФ ќе има и посебно прозорче за делегирање на прашања за негативностите со кои се соочувате, а за тоа ќе ги информираме и политичките лидери во земјава на средбата што ќе ја имаме кон средината на идниот месец- рече Азески.
Министерот Трипуновски рече дека наследил поразителни бројките колку како држава трошиме за увоз на храна. Министерството, додаде, интензивно работи на зголемување на производството и дигитализација за олеснување на бирократските процедури.
– Сепак за првите 10 месеци од годинава има одредени сегменти каде бележиме раст како држава и во делот на извозот на храна има зголемување за 11%, кај пијалаците за 4,5, а во делот на тутунот и тутунските производи за 15%. Во вкупна бројка за 10 месеци имаме извоз од околу 670 милиони евра – рече Трипуновски.
Тој рече дека се се работи на повеќе законски измени.
-Работиме на сет на законски измени во повеќе гранки како винарството, тутнопроизводството и градинарските култури и тоа го правиме во соработка со засегнатите. Паралелно помагаме на одредени сектори кои се наоѓаат во мала криза преку директна поддршка – потенцира Трипуновски.
Директорот на ЦУ истакна дека Царинската управа е само контролор на постапките и не е надлежна за смена или повлекување на царинските стапки, но вети дека ќе ги пренесат барањата на стопанствениците до надлежните министерства за Финансии и за Економија и труд. Тука сум, рече Николовски, да ве слушнам вас бидејќи само заеднички ќе може да го трасираме патот нанапред.
-Континуираниот дијалог и соработка на ЦУ со бизнис заедницата е основа за исполнување за нашите стратешки приоритети – зајакната економска конкурентност и економска трансформација на државата и борба со корупцијата и криминалот. Во овие насоки спроведени се конкретни мерки кои ќе придонесат за градење на демократска и конкурентна држава – нагласи Николовски.
Николовски и посочи дека забрзано се работи на имплементација на клучни проекти за олеснување на транспортот и трговијата и на системот за регистрација и идентификација на економските оператори,…
Се работи, додаде, и на понатамошна дигитализација на царинското работење и усогласување со системите во ЕУ.
-Целта е создавање на потполно дигитално царинско работење што ќе ви помогне вам на бизнисмените во секој сегмент, како и за поголема сигурност на стоките кои влегуваат и излегуваат од државава – потенцира Николовски.