Автомобилскиот шампион Игор Стефановски Иџе го почнува својот нов предизвик за оваа година. Тој ќе се трка на Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), кој оваа година има 10 трки.
Првата трка ќе се вози претстојниов викенд во Франција. Оваа трка традиционално е првата страница на Европскиот шампионат. Пријавени се 190 натпреварувачи од кои Иџе е единствениот Македонец. Бројката на пријавени натпреварувачи укажува дека конкуренцијата оваа година ќе биде пожестока, информираат од Видеолотарија.
– Време е за првата трка оваа година – вели автомобилскиот ас Стефановски и споделува дека ќе вози со возилото од минатата година хјундаи i30N TCR, кое дополнително се подготвуваше во текот на зимската пауза за овој шампионат.
– Би сакал да се заблагодарам на сите кои во мојот тим го препознаа потенцијалот и нѐ поддржаа за натпреварувањата за оваа сезона. Посебно би сакал да се заблагодарам на сите мои спонзори кои веруваа и во иднина ќе веруваат во нашиот потенцијал – вели Иџе.
Тој не ги крие своите шампионски амбиции, за кои верува дека ќе може да се реализираат.
– Викендов очекувам добра трка – додава Стефановски.