Автомобил утринава удрил во ѕидовите на замокот Виндзор, а итната помош веднаш излегла на терен и му помогнала на едно лице, пишува Daily Mail.
Во инцидентот кај кралската резиденција во Беркшир учествувале и две други возила. Автомобил „волво“ со предниот дел удрил во надворешноста на кралската резиденција откако директно се судри со другите возила во непосредна близина на замокот.
За време на инцидентот, за кој се претпоставува дека се случил денеска околу 08:10 часот, биле активирани воздушните перничиња во возилото, а едно лице е повредено.
За потсетување, пред само три дена британската полиција интервенираше откако автомобил влета во капијата на Бакингемската палата. Очевидец рекол дека слушнал „силен тресок“ додека возилото се пробило низ портите на познатата кралска резиденција во центарот на Лондон.
Полицијата што ја истражува несреќата на портата во Бакингемската палата соопшти дека инцидентот не бил поврзан со тероризам. И овој инцидент се случил во раните утрински часови, во саботата. Полицијата потврди дека едно лице е уапсено под сомнение за криминална штета.