По неколкумесечни интензивни истраги, полицијата во Салцбург и Горна Австрија успеала да разбие нарко банда која дејствувала на овие простори, а на чело била нарко бос од Босна и Херцеговина.
Утврдено е дека во изминатиот период продале 26 килограми кокаин и 334 килограми канабис.
Работата за разбивање на бандата започна минатата година. Во мај беа уапсени девет лица и беа пронајдени одредени индиции кои доведоа до самиот врв на бандата и дополнителни апсења. Се започна минатата година кога беа уапсени двајца државјани на Србија и еден Австриец кај кои беа пронајдени 12 килограми канабис и 100 грама кокаин. Полицијата сфатила дека работи за некого, па пронашла 35-годишен државјанин на БиХ, кој живеел во Салцбург, кој продолжил да работи и по апсењето на неговите луѓе. Тогаш овој државјанин на БиХ стана главен фокус на истрагата, пишува Независне новине.
„Се разбира, тој сè уште имаше свои луѓе со кои продолжи да работи. Дрогата ја носел од странство, ја складирал во Салцбург и ја препродавал низ целиот регион на Горна Австрија“, се вели во соопштението.
Неговата десна рака беше неговиот брат, кој живееше во Ансфелден. Сите уапсени се на возраст меѓу 26 и 53 години, а повеќето од нив имале пријавено живеалиште во Салцбург. Сите потекнуваат од Балканот, а најмногу се од Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.
Под истрага се и наводните купувачи, т.е. нивните редовни клиенти. Сите осомничени се во притвор, а доколку бидат прогласени за виновни, некои од нив се соочуваат со затворска казна до 15 години.