Познатиот австралиско-босански актер Решад Штрик ги посети контејнерските населби во кои се сместени жртвите од земјотресот што на 6 февруари ги погоди јужните провинции на Турција.
Штрик дојде во Турција да ги посети настраданите и да ги охрабри во тешките моменти низ кои минуваат.
Како волонтер на фондацијата Дијанет, Штрик се сретна со граѓаните на Хатај, една од најпогодените провинции од разорните земјотреси.
За време на посетата, актерот со босанско потекло си играше со децата и учествуваше во други активности.
Штрик во интервју за Анадолија изјави дека се труди да биде заедно со жртвите од земјотресот, секогаш кога има можност.
„Бев многу пати во овој регион како дел од телевизиска програма на која работев. Навистина ги сакам овие градови кои неодамна беа погодени од земјотресот. Шанлиурфа, Газиантеп, Адана, Кахраманмарас, Хатај… Патувам наоколу, ги гледам овие места и едноставно не ми се верува“, изјави Штрик.
Тој рече дека имал можност да запознае многу семејства во тој регион, благодарение на документарната програма што ја снимал пет години. Тој забележува дека земјотресот ги погодил речиси сите луѓе во регионот.
„Се прашувам што прават сега семејствата со кои бев за време на снимањето на документарецот. На некои од нив им се јавив на телефон, но не можев да стигнам до нив. Никаков знак од нив. Ситуацијата е многу тешка“, изјави актерот.
Тој додава дека земјотресот во Хатај бил особено страшен и разорен.
„Ја посетив Антакија. Вакво нешто нема во цел свет. Разговаравме со луѓе кои престојуваат во шатори во текот на месецот Рамазан. Овие луѓе ни се многу важни. Сакав порано да дојдам овде, но не можев поради здравствени проблеми“, рече Штрик и продолжи:
„Бројни турски фондации и здруженија се ангажирани да им помогнат на овие луѓе и деца. Тука не е вклучена само државата, туку и приватни компании. Ова е навистина добро за овие луѓе. Оваа земја е многу добра во поглед на помагање и солидарност. Мислам дека овие места повторно ќе изгледаат како порано“.