Авионот Су-34 се урна денеска во руската област Воронеж за време на тренинг лет. Двајцата членови на екипажот останаа неповредени откако безбедно се катапултираа, соопшти руското Министерство за одбрана.
Министерството соопшти дека авионот се урнал далеку од населено место и дека не носел муниција.
Според првичните информации, причината за уривањето на авионот може да биде технички дефект, посочија од Министерството, пренесе ТААС.
Рускиот Телеграм канал 112, цитирајќи неименуван извор, објави дека опремата за слетување на авионот откажала и дека се запалила по падот.
Инцидентот доаѓа неколку дена откако рускиот авион Су-24 се урна во областа Калачевски во регионот на Волгоград, наводно за време на планираниот тренинг лет. Причината за таа несреќа допрва треба да се утврди. Се верува дека пилотот и членовите на екипажот загинале во несреќата.