Авангардната уметница и пејачка Александра Слаѓана Милошевиќ почина денеска на 69-годишна возраст, потврди за ФоНет нејзината пријателка Билјана Петровиќ, пренесува Нова.рс
Милошевиќ починала во болницата во Земун по кратко боледување, а датумот и часот на погребот ќе бидат објавени подоцна.
Александра Слаѓана Милошевиќ е родена во Белград на 3 октомври 1955 година и важеше за икона на новиот бран од 80-те години на музичката сцена во тогашна Југославија.
Првиот соло настап го имаше на фестивалот „Студентско лето“ во Маглај во 1974 година, каде што ја освои и првата „Гран-при“ награда.
На површината на југословенската поп-рок сцена излезе во 1977 година со песната „Ау, ау“ и истата година го има првиот голем настап на Концертот кај Ајдучка чешма, каде настапува заедно со Бело Дугме, пишува Н1.
Постарите генерации Слаѓана Милошевиќ ја памети и по хитот „Принцеза“ кој го испеа заедно со Дадо Топиќ на југословенскиот избор за песна на Евровизија што се одржа во 1984 година во Скопје. Нивната песна не победи во гласањето за кое со години се зборуваше дека било диригирано, но стана голем безвременски хит.