Денеска ми јавија дека се готови со сите испитувања кои се направени и дека мостот „Беласица“ ќе се санира многу брзо. Сметам дека веќе од наредната недела ќе можеме да го пуштиме во употреба, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
При гостувањето во тема на денот на Сител телевизија, Арсовска кажа дека на мостот ќе треба да се направи одредена санација која, како што рече, се однесува на козметичко рефреширање на она кое што е паднато во делот на бетонот.
– Во суштина нема ништо кое што влијае на стабилноста, сигурноста и безбедноста и тоа е она кое што е најважно за нас – рече таа.
Градоначалничката посочи дека сите мостови кои што ги има во Град Скопје и се во нивна надлежност редовно се одржуваат.
– На некои од нив треба да се направи некоја козметичка санација меѓутоа, генерално се безбедни, сигурни за движење, рече таа.
Пожарот на мостот „Беласица“ избувна ноќта меѓу 11 и 12 мај, а од Противпожарната единица тогаш за МИА изјавија дека запалена била електрична инсталација и систем за парно греење.