Арсовска и директорот на „Водовод“ не го потпишуваат договорот за пречистителна станица

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Драган Илиевски, одбиваат да го потпишат договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, и покрај тоа што целата постапка е завршена.

Па поради тоа, овој капитален проект за Скопје, а кој е финансиран од европски пари, стои во место. Инаку, проектот за изградба на пречистителната станица чини 137 милиони евра кои се обезбедени преку кредит од Европската инвестициона банка.

Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо брифираат дека градоначалничката Арсовска и в.д. директорот Илиевски намерно не го потпишуваат договорот, бидејќи како што велат, повторно не успеале во овој проект да ја вклучат турската фирма која тие ја фаворизираат.

– Арсовска повторно ги гледа своите интереси, затоа и не дозволува да се потпише договорот кој е во финална фаза, бидејќи изборот на фирма-надзор е завршен уште пред неколку месеци, а исто така е завршена и постапката за избор на фирма која ќе ја гради пречистителната станица. Сепак Арсовска си тера по свое и не дозволува реализација на вака важен проект за Скопје, поради личните интереси кои ги има – ни рекоа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека Арсовска прави сѐ што е во нејзина моќ за да ја вклучи турската компанија во проектот, за која тие претходно споменуваа дека извесен Аркан Керим е линкот меѓу градоначалничката и нејзиниот фаворит за учество во овој проект вреден милиони евра.

– Арсовска за да ја вметне турската компанија во проектот го назначи в.д. директорот Маријан Митовски, но тој не успеа да го стори тоа, па беше разрешен и за казна прераспределен во Сарај. На негово место дојде Драган Илиевски, но најверојатно видоа дека и тој не може да ја реализира оваа желба на Арсовска, па затоа се одлучиле да не го потпишуваат договорот, дури и да пропаднат парите кои се доделени од ЕБОР. Тие се свесни дека европските банки нема да дозволат да заврши во рацете на компанија од Турција, бидејќи со тоа сметаат дека се компромитира целиот процес за изградба на пречистителната станица. Покрај ЕБОР, во овој проект се вклучени и неколку министерства, но сите немаат одговор зошто се кочи целиот процес – ни откриваат нашите соговорници.

Дури и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во разговор за Плусинфо вели дека, тој, но и сите советници немаат добиено никаква информација до каде е постапката за изградбата на пречистителната станица.

– Ние, како Совет постојано прашуваме, но како што знаете одговори ретко добиваме. Советникот Никола Пановски токму за оваа тема ја праша градоначалничката Арсовска, но одговор не доби. Утре имаме седница за советнички прашања, се надеваме дека Арсовска ќе присуствува и ќе се обидеме повторно да добиеме одговори, не само за ова прашање, туку и за многу други кои градоначалничката одбива да ги одговори или дава половични информации – вели Трајковски за Плусинфо.

И ексминистерот за животна средина Насер Нуредини пред два месеца ја повика Арсовска да го потпише договорот и да не го кочи процесот, бидејќи членството во Европската Унија зависи и од овој проект. Во преговарачкиот кластер животна средина, меѓу клучните прашање е делот дали главниот град има пречистителна станица за отпадни води.

- Advertisement -
Ad image

– Од Банката велат дека нема забелешки и ништо спорно во спроведувањето на постапката. Завршена е евалуацијата на понудите и сега се чека да се достави крајниот извештај врз основа на кој ќе треба да се избере фирма. Ако градоначалничката Данела Арсовска го поништи тендерот ќе се изгубат најмалку три години – изјави Нуредини лани во ноември.

Инаку за потсетување, градоначалничката Арсовска за проектот пречистителна станица се скара со ВМРО-ДПМНЕ откако во септември минатата година го разреши директорот Златко Перински обвинувајќи дека го фатила со „рачиња во мед“, со што ја загуби поддршката за некои прашања од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

И покрај тоа што тогаш Арсовска велеше дека ќе биде спроведена постапка за екс-директорот Перински, сепак за овие обвинувања на градоначалничката досега нема никаква постапка.

- Advertisement -
Ad image

Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019, кога беше потпишан договорот за заем. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека ќе биде готова во 2025.

Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет за 500.000 жители.

Share This Article