Во изминатиов период Албанците беа многу поконструктивен фактор и го сакаа доброто на оваа земја многу повеќе од Македонците. Македонците се однесуваа многу себично и целта им беше да останат на власт. Како да урнеме мнозинство и да дојдеме на власт – рече лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари на гостување на ТВ21.
Зборувајќи за тоа што во моментов и треба на Северна Македонија, тој рече дека периодот низ кој минува државата е најважниот од осамостојувањето.
– Ние сме сега на поважна раскрсница од таа во 90-тите, од осамостојувањето – рече Таравари.
Тој понатаму рече дека Албанците дале придонес во овие важни периоди, бидејќи биле конструктивни.
– Ние влеговме во Влада со една цел, да помогнеме на мнозинството на евроинтеграцискиот пат на Македонија. Ние станавме дел од Владата за да помогнеме да се соберат 2/3 од пратениците и да се изгласаат уставните измени. Ако тоа не се случи, тогаш ќе го свикаме централното раководство и ќе одлучиме што понатаму, дали ќе продолжиме со ова мнозинство или ќе одиме во опозиција – вели Таравари.
Тој рече дека имал состаноци со Ахмети и со Ковачевски на кои се разговарало за опцијата да се оди заедно на избори со една изборна листа. Лидерот на Алијанса за Албанците рече дека засега тој е против, но не ја отфрла сосема таа идеја.
– Разговаравме за опцијата да одиме заендно на избори, со една изборна листа. Но, искрено јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но никако не го затвораме тоа како прашање. Ќе направиме анализа, ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука – рече Таравари.
Тој се пожали дека иако им биле ветени многу директорски места при влегувањето во коалицијата, тие и натаму не се раководени од кадри на Алијанса за Албанците.
– Ние сме навредувани и омаловажувани, но не сакаме да креваме врева во овој период и со тоа да ја загрозиме Владата. Знаеме дека сега периодот е сериозен, па не сакаме да разговараме за тоа, затоа што го сакаме најдоброто за државата, но не нè сметајте за глупави или за идиоти поради тоа. Мораме и да мислиме и за доброто на партијата – рече Таравари.