Голем дел од општините во државата и во економската 2023 година не успеаја да ги реализираат буџетските планови – има потфрлување кај наплатата на данок на имот, данок на доход, на добивка. Главен „извор“ на приходи на локалните буџети се државните трансфери. Од друга страна најголема буџетска „дарежливост“ покажаа за платите, придонесите, комуналиите, пишува Порталб.мк. Стотици илјади евра се трошат и по основ на „договорни услуги“ но и за „привремени вработувања“.
Најголема сума на приходната страна на буџетот на Општина Арачиново се „државните трансфери“ кои се највисока приходна ставка кај сите општини. Од данок на имот општината во 2023-та наплатила скоро 103.000 евра што претставува 79% во однос на планираното. Поголемо потфрлување има кај наплатата на данокот на доход и добивка – приходите се реализирани со 37,2% во однос на проекцијата. На расходната страна само за плати и за придонеси се потрошиле 1,6 милиони евра а за комунални услуги, греење, комуникации се платиле сметки во износ од скоро 193.000 евра. Лани Општина Арачиново имала вкупни приходи и расходи во речиси ист износ од 2,6 милиони евра.
По основ на данок на имот Општина Гостивар лани наплатила скоро 1,3 милиони евра што претставува 83,5% во однос на годишната проекција. Оваа приходна ставка е најголема по онаа за државните трансфери. На расходната страна и кај оваа локална самоуправа доминантна ставка се платите и придонесите за што се потрошиле 14,5 милиони евра а една од повисоките трошковни ставки во износ од 917.700 евра се „договорните услуги“ а за привремени вработувања биле исплатени 372.500 евра. Преку ставката „други градежни работи“ се одлеале 1 милиони евра. Во 2023-та во општинската каса се слеале и потрошила скоро идентична сума од 18,9 милиони евра.
Општина Дебар во буџетската 2023. собрала приходи во износ од 6,7 милиони евра а потрошила 6,4 милиони евра. Од данок на имот наплатила 218 000 евра што претставува натфрлување на планот за 7,3% а позначаен износ од 1,4 милиони евра е слеан преку ставката „даноци на специфични услуги“. На расходната страна за плати и придонеси се потрошиле 4,3 милиони евра. Повисок износ од 618.000 евра на расходната страна се одлеал за „други градежни објекти“ а за комуналии се потрошиле 476.800 евра.
Повеќе од годишниот план по основ на данок на имот и данок на доход и добивка наплатила Општина Кичево во 2023 година. Конкретно од данок на имот во општинската каса се слеале 867 000 евра што е за 1,7% повеќе во однос на проекцијата. По доминантната ставка „државни трансфери“, највисока е приходна ставка „даноци на специфични услуги“ во износ од скоро 2,1 милион евра. За основни плати и придонеси оваа општина лани потрошила 10 милиони евра. На расходната страна една од повисоките трошковни ставки во износ од 2,6 милиони евра е „други градежни објекти“ а за комуналии, греење, комуникации, се потрошени 932.000 евра. Само по основ на „договорни услуги“ од општинската каса се одлеале 797.200 евра. Лани вкупните приходи на Општина Кичево изнесувале 16,3 милиони евра а расходите биле на ниво од 16,1 милион евра
Во седната „Анализа“ под лупа ќе бидат сумираните годишни податоци на Министерството за финансии во однос на приходите и расходите и на други општини како Тетово, Чаир, Струга …