Судскиот совет денеска ги избра Јетмир Хамзаи и Абдула Азари за судии на Апелациониот суд Гостивар за граѓанска област. Советот ги избра и Сузана Милевска и Анита Јорданова за судии на Апелационен суд Штип, исто така, за граѓанска област.
Членот на Судскиот совет, Ханиф Зендели информираше дека сите петмина кандидати на кандидатската листа за избор на судии во Апелациониот суд Гостивар ги исполнуваат условите согласно закон. Пријавени се петмина судии, а Хамзаи и Азари се првите двајца на ранг-листата. Тие добија по 13 гласа „за“, меѓу кои и пет гласа од членовите на Советот кои се припадници на заедниците.
Претседателката на Комисијата за оценување на кандидатите за Апелација Штип, Тања Чачарова-Илиевска рече дека на огласот се пријавиле шестмина, од кои еден бил одбиен поради неисполнување на условите. Во меѓувреме од останатите петмина, еден кандидат бил избран за судија во Апелација Штип по друг оглас, па конечната ранг листа се состои од четири кандидати. И во овој избор беа изгласани првите две судијки на ранг-листата.
Сите членови на Судскиот совет, согласно препораките за транспарентност од Оценската мисија, по гласањето го објаснија својот избор.
Судскиот совет одлучуваше и по друг оглас за избор на еден судија во Апелациониот суд Штип во граѓанска област, на кој беше избран судијата Љупчо Спировски од Основниот суд Тетово.
На седницата се одлучуваше и за избор на претседател на Вишиот управен суд, а членовите за таа функција ја избраа судијката Лидија Георгиевска.
За претседател на Основен суд Велес Советот ја избра судијката Валентина Георгиевска, а за претседател на Основниот суд Струга е избран судијата Вулнет Винца.