Апелацискиот суд Скопје ја потврди осумгодишната казна затвор за тренерот по стрелаштво Благој Пешиќ од Кавадарци за обљуба на 13-годишно девојче за време на тренинг, изречена од Основниот суд Велес. Судот во Велес во 2019 година првпат го осуди Пешиќ на казна затвор, а во 2022 година на повторено судење ја потврди казната, која тој ја обжали на Апелација.
– Ни стигна пресудата и на домашна адреса и кај адвокатот. Ја истеравме правдата. Одлуката на Апелацискиот суд ја доживеавме како олеснување за сите маки низ кои минавме последниве шест години – изјави Марија Грбиќ, мајка на обљубеното девојче за „Макфакс“.
Случајот беше пријваен во полиција во март 2017 година. Пешиќ, кој е татко на Дивна Пешиќ, поранешна македонска репрезентативка во стрелаштво, беше во притвор до 2018 година, кога судот го пушти да се брани од слобода поради нарушено здравје, но изрече посебни меки за претпазливост.