Кривичниот суд во Скопје денеска (15 февруари) го почнува повторното судење за случајот „Трезор“, откако Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење во прв степен.
Апелација му даде задача на првостепениот суд, при повторното постапување, „да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП, повторно да ги цени изведените докази поединечно и во склоп на една целина, евентуално на предлог на странките да изведе и други докази, а ценејќи ги и жалбените наводи, па врз основа на изведениот доказен материјал правилно да ги утврди сите решителни факти во предметот како предуслов за утврдување правилна фактичка состојба, врз основа на која, правилно ќе го примени материјалното право и ќе донесе правилна и законита одлука“. Ова се вели во напатствијата дадени во пресудата на Апелациониот суд Скопје, изречена на 31.05.2022 година.
Во изреката со која Апелација ја поништи првостепената пресуда и ја врати на повторно судење, понатаму се вели: „… При повторна анализа и оцена на изведените докази, првостепениот суд со сигурност да утврди дали со преземените дејствија на обвинетите на начин како што е опишано во обвинението, настанала штета на буџетот на РМ и доколку настанала, да го утврди точниот износ, да утврди кои противправни дејствија ги презеле со кои евентуално би се исполниле субјективните и објективните елементи на кривичното дело од чл. 353 став 5 в.в. со став 1 од КЗ. Во таа насока, да ги утврди фактите и околностите во врска со спроведената постапка за јавна набавка, дали истата е спроведена законито, учесниците во истата, за да може да цени дали противправните дејствија кои ги презеле обвинетите претставуваат дејствија на извршување на некои од алтернативно дадените облици на дејствието на извршување од чл.353 од КЗ. Откако судот ќе постапи по наведените укажувања, ќе биде во можност правилно да ги утврди сите решителни факти што се од битно влијание за законито одлучување за постоењето на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите и нивната кривична одговорност и да донесе законита одлука со аргументирани причини, за да може истата во целост и со сигурност да се испита“.
Ова е суштината на тоа што се очекува од Кривичниот суд во повторената постапка за предметот „Трезор“ која почнува денеска, за да се дојде до издржана пресуда, односно да се дознае дали СЈО само конструирало предмет врз основа на претпоставки или навистина постоеле некакви злоупотреби при набавка на опремата за Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) во 2010 година.
Преведена правничката терминологија во секојдневен говор значи дека Апелација буквално ја „разнела“ првостепената пресуда на парчиња. Поедноставено кажано, повисокиот суд се сомнева дека најсуштинските аргументи и факти во првостепената пресуда биле погрешно толкувани, односно дека се поставува прашањето дали воопшто има некакво кривично дело и материјална штета во предметот. Кога сериозно ќе се прочита пресудата на Апелација, се наметнува претпоставката дека веројатно само генералиите на обвинетите се точни и се поставува прашањето како е можно судот да направил такви пропусти.
Зошто Апелација не можеше да помине преку сите пропусти во првостепената пресуда?
Пред околу седум месеци, советот предводен од судијата Јани Нича ја анализираше пресудата на Основниот суд и жалбените наводи по неа и оцени дека тие се основани, бидејќи обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост. Изреката на пресудата, според Апелација, била нејасна и неразбирлива, а во образложението не биле содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетите, а тие што биле изложени како причини од кои се раководел судот во примена на материјалното право, биле во значителна мера противречни на содржината на изведените и позитивно ценети докази.
Затоа Апелација ja оспорува одлуката на основниот суд, бидејќи утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите не произлегувале во целост и со сигурност од содржината на изведените докази. Тие докази, според Апелација, не биле правилно ценети, а воедно и во образложението на пресудата била дадена сеопфатна анализа и оцена на нивната веродостојност, поради што и фактичката состојба е доведена под сомневање.
Апелација нагласува дека првостепениот суд по однос на дејствијата на извршување што им се ставиле на товар на обвинетите, прифатил дека се преземени со искористување на службената положба и овластување, меѓутоа во ниту еден дел од образложението на пресудата, судот не дал аргументација врз основа на кои докази го утврдил тоа. Истото се однесува и на решавачките факти кои ги чинат законските одбележоци на предметните кривични дела, бидејќи Апелација од увидот во списите на предметот и изведените докази на главната расправа, констатирала дека истите не произлегуват во целост и со сигурност.
Мијалков не бил во Лондон, ама судот си заклучил така за да има осудителна пресуда
Да се потсетиме на сите елементи на обвинението и на првостепената пресудата, за кои одбраната на обвинетите, при второстепеното судење, докажа дека се конструкции непоткрепени со докази.
Апелација во пресудата се чуди како првостепениот суд прифатил дека Сашо Мијалков и обвинетите во периодот од 07.07.2010 до 09.07.2010 година, во Лондон оствариле средба со претставниците на компанијата Гама и договориле токму набавката на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема за потребите на МВР, кога официјалните одговори на британскиот Хоум офис се спротивни. Затоа Апелација го цитира Извештајот на Националната агенција за борба против криминал на Обединетото Кралство од 06.11.2017 година, доставен по Замолница за меѓународна правна помош од надлежното обвинителство, кој по спроведената истрага вели дека не произлегува ништо во насока на претпоставките на СЈО.
Напротив, Апелација констатира дека во одговорот е наведено: „Нема докази што ќе појаснат кои биле првите лица од Македонија кои преговарале за набавка на опремата“. Основаноста и правилноста на заклучокот на судот за остварената средба на именуваните обвинети со претставниците на Гама, на која била договорена набавка на опишаната опрема преку компанијата Финзи, според Апелација, уште повеќе се доведува под сомнение, со оглед на тоа што судот го темели на претпоставки и верувања, бидејќи самиот констатира дека нема други материјали.
За Апелација е нејасно и од кои докази се утврдува дека набавката на опремата би била најекономична доколку би одела директно преку правното лице Гама, во услови кога одлуката за тоа како да се спроведе постапката за набавка на опремата за која МВР-УБК имала реална потреба е донесена од производителот Гама, согласно политиката на производителот. Дополнително, сведокот и техничкиот советник изјавил „ваквиот настап преку ексклузивен дистрибутер во РМ е придобивка не само за Гама и за Финзи, туку и за крајниот корисник МВР, затоа што во тој случај Гама настапува со поевтин продукт и ги економизира своите ресурси, а Финзи добива своја економска вредност “.
Затоа за Апелација останува нерасчистено и неодговорено прашањето дали во конкретниот случај јавната набавка недозволено се реализирала преку фирмата посредник, со оглед дека вообичаен начин на деловно работење помеѓу правните субјекти при набавување на стоки и услуги е набавката да биде реализирана преку фирми посредници, кој патем се подразбира тоа го вршат заради остварување на некаква добивка, односно профит.
Преседан во судството – судијата глумел вештак и сам утврдувал штета
Апелација е фрапирана од фактот дека првостепениот суд прифатил дека во конкретниот случај, со преземените дејствија на обвинетите, била нанесена имотна штета на средствата на буџетот во износ од 26.568.276,00 денари, бидејќи не е јасно од каде ја утврдил висината на штетата, со оглед на тоа што доказ во смисла на техничко или финансиско вештачење не е изведен. Судот само си навел дека јавниот обвинител не сочинил и не доставил финансиско вештачење направено од експерт по економски науки по однос на пресметаната штета, правдајќи се дека вештачењето се определувало заради утврдување на факти кои органот кој ја води постапката поради недостаток на стручно знаење не може сам да го утврди. Сами си констатирале дека во конкретниот случај се работело за утврдување на факти кои органот кој ја води постапката, можел сам да го утврди.
Сепак, Апелација смета дека нејасно е постапувањето на судот, кој се ставил во улога на вештак и дал образложение дека во конкретниот случај се работело за „едноставна математичка операција – одземање на два износи, за која не била потребна некоја посебна стручност, односно се работи за едноставна математичка операција која може да ја утврди секој просечно образован човек, без посебно стручно знаење или вештина“. Апелација констатира дека судот не одземал само два износи, туку се впуштил во анализа на обемна финансиска и сметководствена документација, а од друга страна не го прифатил Техничкиот наод и мислење од областа на информатичките технологии со технички и економски дел сочинет од две вешти лица.
„Трезор“ мора да добие правна и праведна завршница
Насоките на Апелација се јавно достапни и јасни за секој заинтересиран да ги прочита, а особено за првостепениот суд. За повторно да донесе одлука, основниот суд ќе мора непристрасно да ги согледа доказите од меѓународната правна помош и неизбежно да констатира дека Мијалков не бил во Лондон и таму не ја договорил зделката за купување на опремата. Судот нема да смее да го игнорира одговорот на британските официјални органи испратени до обвинителството. Откако беше потенцирано, сега првостепениот суд нема да смее да не му поклони верба на исказот на Ѓоко Поповски, кој и покрај заканите од долгогодишни казни, ја говореше вистината дека Мијалков не му влијаел.
Судот нема да смее да ја занемари и легитимноста на одлуката на производителот да ја продава опремата преку посредник на кого одлучил да ги отстапи правата. Судот ќе мора да се запраша дали е криминал што сите министерства и владата и судот набавуваат возила преку застапници и посредници, а не директно од Фолксваген или Шкода ? Не, тоа е политика на компаниите кои мора да ги предвидат и условите за сервисирање. Дали е направена штета врз буџетот ? Не, согласно заклучоците на вештите лица, буџетот не е оштетен.
За да донесе мериторна одлука, основниот суд овој пат нема да смее да ги игнорира овие факти на кои фрли светло пресудата на Апелација.
Порталот Плусинфо пишуваше за овој случај во повеќе наврати, а по одлуката на Апелација повика да се повлече обвинението и да се спаси образот. Апсолутно не е спорно да се запази принципот на неказнивост за сторени кривични дела, но тоа веќе не смее да се прави со пресуди донесени без докази и со големи процесни повреди.
Второстепеното судење за „Трезор“ е шанса и за сите тие што слепо веруваа во концептот што го заговараа апологетите на хибридниот режим, јавно искажувајќи спремност да се погазат сите принципи и сите човекови права, само за да се спроведе некаква нивна „револуционерна правда“, која не е ништо друго освен гола одмазда. Тие луѓе треба да сфатат дека во едно цивилизирано и демократско општество правдата се опслужува врз основа на словото и во духот на законите, во строго форматирани и регулирани постапки, а не се „дели“ под политички притисоци. Во таа насока се изјасни и угледниот професор по Кривично право д-р Гордан Калајџиев.