Македонското друштво „Преспа“ во Албанија предводено од Едмонд Темелко објави Проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија со кој се отфрлаат резултатите од последниот попис во Албанија, според кој се попишани 2.281 Македонци што е за околу 3.000 помалку од претходниот попис.
Соочени со агресијата на бугарскaтa симилација на Македонците во Албанија, свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија, потврдуваме Проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија, велат од Друштвото „Преспа“.
Го пренесуваме нивниот Проглас во целост:
„(1) Повикуваме на семакедонско помирување и обединување во Албанија за одбрана на идентитетот на Македонскиот народ – името, јазикот, културата, историјата и територијата, затоа што единствени сме посилни од сечија агресија и обиди за денационализација и асимилација.
(2) Ги отфрламе пописните резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври па продолжен до 16 ноември 2023 година и ги сметаме за груб фалсификат, бидејќи не ја отсликува реалната бројка на етничките Македонци во Албанија.
Изразуваме загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат 2.281 „Северномакедонци“, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци.
За груб пописен фалсификат ја сметаме објавената бројка од 7.957 „Бугари“ во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година – 3.504.
И натаму тврдиме дека, во Албанија „етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1912 до 2023 година не постои макар и еден „Бугарин“ на целата територија на Албанија!
(3) Најостро ја осудуваме употребата на терминот „северномакедонци“ од Институтот за статистика и употребата на име на земја како супститут за Македонската етничка заедница во Албанија која веќе е призната во Законот за заштита на националните малцинства во Албанија од 2019 година.
(4) Бараме градоначалникот на општина Пустец и Македонците во Албанија да ги отфрлаат сите посети и секоја материјална помош од бугарскиот амбасадор во Тирана, Владата во Софија и разни бугарски фондации, затоа што Бугарија тоа го прави да прикаже пред светот дека Македонците се Бугари во Албанија.
(5) Етеничките Македонци се лојални албански државјани и претставуваат неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од Македонскиот народ како носител на државноста во Македонија.
(6) Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен содржател. Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема! Македонија е нашата матична држава.
(7) Бараме вонреден изборен конгрес на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција за сите органи на сите нивоа, заради кадровска консолидација и единство на сите во одбраната на македонскиот идентитет – името, јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ на целата територија на Албанија.
(8) Апелираме до албанската Влада да ги заштити македонските права и слободи во Албанија од бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Бугари. Бараме одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија.
(9) Ја повикуваме Владата на Македонија на грижа за правата и слободите и положбата на Македонската заедница во Албанија.
(10) Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, давајќи им бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради лошата економска ситуациа во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се „Бугари“.
(11) Изразуваме подготвеност сами да организираме неформален попис на Македонците во Албанија, поради недовербата во Институтот за статистика на Албанија.
(12) Ги повикуваме на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во светот заради одбрана на македонскиот идентитет во Албанија пред институциите на власта во Албанија и Македонија и пред меѓународните органзиаци за човекои и граѓанските права и слободи.
(13) Овој Проглас ќе го потпишат сите заинтересирани страни.“