Денес почнува шверцератот у Собрание, со Законот за работни односи… Вековното работничко право за 8 часа работа, ќе биде укинато за македонските работници кои ќе може да работат шест дена по 10 саата, или пет дена по 12 саата на ден. СДС дали сте свесни што правите?, реагираше денеска на Фејсбук пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.
Тој вели дека денеска на комисиска расправа се ставени „скандалозните предлог-измените на Законот со работни односи, со кои се предвидува работниците на Коридорот 8 да работат и до 60 часа неделно!“
„Овој предлог-закон е дел од осумте закони со кои се фаворизира контроверзната компанија ,’Бехтел и Енка’, која ја следат низа корумпирани скандали во регионот. Токму Уставниот суд минатата година го укина членот 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, во кој се предвидуваше можност за 60 часовна работна недела. Уставниот суд тогаш оцени дека одредбата е спротивна на темелните вредности предвидени во член 8 и на правото на дневен и неделен одмор, предвидено во член 32 Уставот. Секој пратеник кој ќе крене рака за гласање на овие законски измени сторува кривично дело ‘Неизвршување на судска одлука’ казниво по член 377 од Кривичниот законик. Левица со сите сили ќе ги спречи овие неуставни и експлоататорски одредби!“, напиша Апасиев.