Шпанскиот актер Антонио Бандерас доживеа срцев удар во 2017 година, а денес вели дека извлекол неколку позитивни заклучоци од тоа.
Имено, инцидентот му помогнал да го види својот живот од поинаков агол.
„Сфатив дека тоа е веројатно една од најдобрите работи што ми се случиле, бидејќи одеднаш сè стана неважно, а работите што ме загрижуваа секој ден станаа бесмислени. Помислив зошто ја кршам главата кога ќе умрам?“, изјавил Бандерас за „Пејџ сикс“.
Конечно, тој почнал да се „одвојува“ од работите за кои „порано мислеше дека се важни, но не беа“, изјави холивудскиот актер. Тој тврди дека сега знае дека семејството, пријателите и неговиот „актерски повик“ се многу поважни.
Во тоа време животот му го спасила неговата долгогодишна партнерка Никол Кимпел, изјави Бандерас во едно интервју. Таа брзо реагирала и му дала аспирин, а Бандерас не претрпел долгорочна штета од срцевиот удар.
Во интервју за „Вултур“, Антонио Бандерас неодамна изјави дека неговата поранешна сопруга Мелани Грифит се уште е негова најдобра пријателка и дека нема ништо друго освен пофални зборови за неа.
„Не сум оженет со Мелани, но таа сепак е мое семејство. Можам со сигурност да кажам дека ми е најдобра пријателка. Тие се уште се моето семејство – Дакота, Стела и Александар“, рекол шпанскиот актер.
Антонио Бандерас и Мелани Грифит се запознале на снимањето на комедијата „Two Much“ и веднаш почнале да се забавуваат, по неколку недели решиле да се венчаат и истата година ја добиле ќерката Стела. Во претходните бракови актерката ја имаше ќерката Дакота Џонсон и синот Александар Бауер, а Бандерас ги посвоил како свои деца. Мелани и Антонио беа во брак 19 години.