More

    Антикорупционерите со опомена до судскиот и до обинителскиот совет

    spot_img

    Судскиот совет и Советот на јавните обвинители не ја спроведоа препораката на Државната комисија за спречување на корупцијата да ги отповикаат своите новоименувани членови на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители, кои истовремено се и членови на советите. Законот спречува член на Судскиот совет или на Советот на обвинители истовремено да извршува и друга функција.

    Антикорупциската комисија денеска повторно ги прозва двете високи институции од правосудството дека го прекршиле Законот за спречување на корупцијата. ДКСК ги потсети дека законите важат за сите во државата.

    „ДКСК чувствува обврска да ја информира јавноста за точните факти и да ја заштити својата позиција како независна и транспарентна институција во борбата против корупцијата. Како што е утврдено со закон, ДКСК има обврска да спроведува превенција и спречување на можни злоупотреби на службената положба, судир на интереси и незаконско постапување. Во текот на спроведувањето на своите надлежности, ДКСК не ги оценува личните ставови или политичките интереси на засегнатите лица, туку исклучиво се води од факти и законски утврдени обврски. Секој е должен да го почитува Законот за спречување на корупција и судир на интереси, вклучувајќи ги и правосудните органи“, се вели во соопштението на Комисиката.

    Антикорупциската комисија, се додава во соопштението, како самостојна и независна институција има законска надлежност и обврска да се грижи за доследно почитување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и нема да отстапи од својата мисија и цел.

    „Констатирана повреда на законот со одлука на ДКСК, во никој случај не претставува мешање во било која власт, бидејќи законите важат подеднакво за сите. Дејствијата и одлуките кои се во спротивност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси создаваат ризици од корупција и судир на интереси и не смеат да опстојуваат како такви во правниот промет. Државната комисија, по пат на ова соопштение, го реафирмира својот став дека одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители не се во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и со Законот за академијата за судии и јавни обвинители. Имено, пропишаната забрана за вршење на други дејности и членување во управни и надзорни одбори за време на вршење на функцијата важи и во конкретниот случај. Членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители кои се од редот на обвинителите и судиите се избрани да ја вршат функцијата член на совет професионално и за времетраењето на нивниот мандат како членови на советот не ја извршуваат функцијата судија, односно јавен обвинител, туку истата им мирува. Истовремено, со членот 9 од Законот за академијата за судии и јавни обвинители е јасно пропишано дека советите назначуваат по двајца членови од редот на судиите, односно од редот на јавните обвинители, а не од сопствените редови“, катгорична е Антикорупциската комисија.

    Денеска и американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека треба да се почитуваат препораките на Државната комисија за спречување на корупција за назначувањето на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

    – Немам конкретни детали, но ќе нагласам дека е важно овие коментари и препораки да бидат внимателно разгледани на начин на којшто јавноста ќе добие одговори на прашањата – речеАгелер.

    Советот на јавни обвинители на 29 октомври за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ги избра своите членови Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.

    Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана Антоанета Димовска, исто така член на Судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.

     

    Антикорупциската комисија на 8 ноември ги повика двата совета да ги стават вон сила одлуките со кои нивни членови се именувани за членови на УО во АСЈО.

    Од Судскиот совет се правдаа дека и врховни судии по закон се членови на УО на Академијата, но од Антикорупциска добија одговор дека членството на врховен судија е исклучок кој е нагласен во законот.

     

    Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска, пак, пред неколку дена рече дека уште не ја разгледувале препораката од ДКСК. Димитриевска посочи дека таа не е новоименувана во УО на Академијата, туку дека веќе е член и праша како досега нејзиното членство не било препознаено како незаконско и како судир на интереси.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img