Израел се обидува да ги „прошири своите граници“ со планови за двојно зголемување на населението на анектираниот Голан, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи. „Силно ја осудуваме одлуката на Израел да ги прошири илегалните населби на Голанската висорамнина, која е окупирана од 1967 година. Предметната одлука претставува нова фаза во Израел да ги прошири своите граници преку окупација“, се вели во соопштението.
Овие акции, како што се наведува, им штетат на напорите за воспоставување мир и стабилност во Сирија и дополнително ги зголемуваат тензиите во регионот.
„Меѓународната заедница мора да одговори“, се додава во соопштението.
Израелската влада во неделата одобри проект со цел двојно зголемување на населението на сириската Голанска Висорамнина, но рече дека нема намера да се вклучи во конфликт со Сирија.