Ливерпул го совлада Реал Мадрид со 2:0 на „Енфилд“ во петтото коло од Лигата на шампионите. Алексис Мек Алистер ги доведе домаќините во водство во 52. минута, а Килијан Мбапе пропушти прилика да израмни кога не успеа да го реализира пеналот во 61. минута.
Мбапе сезонава играше 18 пати за Реал и постигна девет гола, а Карло Анчелоти го коментираше неговиот настап во петтото коло од најголемото европско натпреварување.
„Се случува напаѓачите да имаат периоди во кои се мачат да постигнат гол. Има лек, а тоа е трпение. Тежок момент за Мбапе, особено откако го промаши пеналот. Но, сите треба да го поддржиме. Можеби му недостасува самодоверба. Кога работите не одат како што сакате, мора да играте едноставно.
Не можете да му судите за промашен пенал. На сите играчи им недостигаат. Тој мора да продолжи да работи, а ние мора да бидеме трпеливи бидејќи тој е неверојатен играч“, објасни тренерот на кралскиот клуб.