САД предале на Украина огнострелно оружје и муниција запленето при обиди на ирански воени лица да го транспортираат кај групи на јеменските Хути, соопштија денеска американски воени службеници.
Трансферот на оружјето се случил минатата недела во време кога Украина се судира со сериозен недостиг на муниција а Конгресот засега не ја одобрува испораката на новиот пакет помош за Киев.
Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот усвојување на 95 милијарди долари помош за Украина, Израел и Тајван. Барањето беше одобрено од Сенатот, но заглави во Долниот дом, по блокада од репубиканците.
Законодавците вчера се вратија од велигденските празници, но спикерот Мајк Џонсон не излезе со изјава дали има планови наскоро да свика гласање по повод предложениот закон.
„Владата на САД во четвртокот предала на украинските вооружени сили повеќе од 5.000 автомати АК-47, митралези, снајперски пушки, RPG-7 и повеќе од 500.000 куршуми калибар 7,62 мм. Оружјето и муницијата биле запленети во периодот од мај 2021 година до февруари 2023 година од четири бродови користени од Исламската револуционерна гарда за снабдување на Хутите во Јемен“ – информираа од Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Оттаму укажаа дека „подршката од страна на Иран на вооружени групи е закана за меѓународната и регионалната безбедност“.
„Тоа е закана и за нашите сили, дипломатскиот персонал и граѓаните во регионот, како и за нашите партнери. Ќе продолжиме да правиме сѐ што е можно да се разоткријат и спречат дестабилизирачките активности на Иран“ – потенцираат од ЦЕНТКОМ.