И покрај руската инвазија на Украина, за американската администрација Кина е најголем и најсериозен долгорочен предизвик за меѓународниот поредок, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.
Блинкен наведе дека Кина е единствена земја која освен што има намера да го преобликува меѓународниот поредок, а поседва сè поголема економска, дипломатска, воена и технолошка моќ тоа да го стори.
Тој истакна дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, од почетокот зазеде цврст став кон Кина, признавајќи оти земјата како најголем конкурент на САД, зазема посебно место во американската надворешна политика.
Според Блинкен, Кина игра клучна улога во светската економија и во решенијата за проблеми, како што се климатските промени или пандемијата со ковид-19. Тоа значи дека САД и Кина немаат друг избор, освен да се занимаваат еден со друг, додаде Блинкен, што претставува еден од најсложените односи денес во светот.
Тој ја потврди американската поддршка за политиката „Единствена Кина“, истакнувајќи оти САД не ја поддржува независноста на Тајван. Но, тој ја критикуваше и кинеската „растечка принуда“ над регионот.
– Имаме траен интерес за мир и стабилност преку Тајванскиот теснец. Ќе останеме посветени на законот за односи на Тајван, за да му помогнеме во одржување доволно способности за самоодбрана – појасни Блинкен.