Бројот на Палестинци убиени во израелските напади врз Газа се зголеми на 2.215, додека 8.714 лица се повредени, соопшти утринава Министерството за здравство на Газа, пренесе ДПА.
Палестинците, додава германската агенција, масовно бегаат од северниот дел на Газа по инструкциите на израелските одбранбени сили (ИДФ) да се евакуираат пред очекуваната копнена инвазија.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, повика на „хуманитарен прекин на огнот“ во Појасот Газа и Израел, обвинувајќи ги САД за ситуацијата на палестинската територија.
-Убедени сме дека Советот за безбедност мора да дејствува со цел да се стави крај на ова крвопролевање и да се обноват мировните преговори со цел да се формира палестинска држава, како што се планираше долго време – изјави синоќа рускиот амбасадор по затворениот состанок на Советот за безбедност на ОН за хуманитарната ситуација во Газа.
Тој наведе дека понудената нацрт-резолуција повикува на целосно почитување на хуманитарниот прекин на огнот и непрекината хуманитарна помош и го осудува секое насилство и сите акти на тероризам. Во текстот на нацрт резолуцијата се повикува на „итен, постојан и целосно почитуван хуманитарен прекин на огнот“. Покрај тоа, „сите акти на насилство и непријателство против цивилите и сите акти на тероризам се остро осудени“, но во него Хамас не е именуван.
Пред неколку дена, САД го повикаа Советот за безбедност на ОН јасно да ги осуди „гнасните терористички акти“ на палестинската исламска организација, која изврши невидени напади врз Израел на 7 октомври.
Рускиот амбасадор додаде дека некои земји-членки реагирале попозитивно на нацртот од другите. Без да наведе детали, амбасадорот го критикуваше Западот, а особено САД, кои, како што рече, „носат голема одговорност за претстојната војна на Блискиот Исток“ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која, тој рече, изјави дека „ЕУ стои со Израел, но замижува пред израелските воздушни напади врз цивилната инфраструктура во Појасот Газа“.
Советот за безбедност е поделен по ова прашање, а по средбата амбасадорите беа внимателни во изјавите.
И САД побараа од Израел да ја одложи копнената операција во Појасот Газа, јави весникот „Џерусалем пост“, повикувајќи се на јавната израелска радиодифузна корпорација. Како што пренесува Анадолија, се уште не е познато каков ќе биде одговорот на Израел на ова итно барање.
САД силно го поддржаа Израел во неговата борба против групата Хамас по нападот од пред седум дена, но изразија загриженост за хуманитарната ситуација на повеќе од 2 милиони жители на Газа.
Израелската армија вчера побара од 1,1 милион жители на северот на Газа да се евакуираат во рок од 24 часа во јужната половина од енклавата. Обединетите нации предупредија дека ќе биде невозможно Палестинците во Газа да ја почитуваат наредбата без катастрофални хуманитарни последици.
Израелски воени авиони и артилерија го напаѓаат Појасот Газа, густо населена палестинска територија, како одговор на координираните напади врз Израел, што почнаа во саботата од Газа и беа изведени од исламистичката милитантна група Хамас.
Милитантите на Хамас досега убија стотици израелски цивили во пограничните градови и на музички фестивал во тоа што сега се смета за најкрвав масакр во израелската историја. Хамас ја контролира Газа откако насилно ја презеде власта во 2007 годинаи неа Европската унија, САД и Израел ја сметаат за терористичка група.