Шефот на бунтовничката платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, веројатно е или мртов или во затвор, вели поранешен висок американски воен лидер.
– Моја лична проценка е дека се сомневам дека некогаш повторно ќе го видиме Пригожин во јавност – изјави генералот Абрамс за Еј-Би-Си-Њуз, пренесува Њујорк Пост.
Пензионираниот генерал Роберт Абрамс, претходно служл како командант на американските сили во Кореја. За пучот на „Вагнер“ кој се случи минатиот месец тој рече:
– Мислам дека или ќе го сокријат (Пригожин), или ќе го испратат во затвор, или ќе се справат со него на друг начин, но се сомневам дека некогаш повторно ќе го видиме.
Запрашан дали мисли дека „готвачот на Путин“ е жив откако му го постави најзначајниот предизвик на рускиот претседател откако дојде на власт во 1999 година, Абрамс рече:
– Јас лично мислам дека не е, а ако е, некаде е во затвор.
Пензионираниот генерал со четири ѕвезди, исто така, изрази сомневање за состанокот што портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин го одржал со Пригожин и сите негови високи команданти на Вагнер на 29 јуни, пет дена по прекинатиот бунт.
„Би бил изненаден ако навистина видиме доказ за живот дека Путин се сретнал со Пригожин, и мислам дека тоа е многу инсценирано“, рече Абрамс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот пред новинарите изјави дека Путин поканил 35 луѓе на состанокот, вклучувајќи го и Пригожин, и дека тој траел три часа.
Се вели дека биле присутни и други високи членови на администрацијата на Путин, вклучувајќи го и шефот на Националната гарда Виктор Золотов и шефот на надворешното разузнавање на СВР, Сергеј Наришкин, објави францускиот весник Либерасион.
Песков рече дека Путин ја дал својата „оценка“ за акциите на групата Вагнер за време на војната во Украина, во која тие водеа крвава битка за заземање на градот Бахмут, како и „настаните од 24 јуни“, мислејќи на ден на востанието.
Путин, исто така, „ги слушал објаснувањата на командантите и им понудил опции за понатамошен ангажман и понатамошна употреба во борбите“, рече портпаролот на Кремљ.
Според Песков, самите команданти ја претставиле својата верзија за тоа што се случило. Тие истакнале дека се лојални поддржувачи и војници на шефот на државата и врховниот командант, а исто така порачале дека се подготвени да продолжат да се борат за својата татковина.
– Тоа е сè што можеме да кажеме за оваа средба – изјави Песков.