Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, изјави дека САД не можат да бидат сигурни што било цел на ракетите и дроновите во Црвеното Море. Рајдер прецизира дека тие биле „лансирани од Јемен и се движеле кон север над Црвеното Море, потенцијално кон цели во Израел“.
– Имаме способност да ги браниме нашите пошироки интереси во регионот и да ја одвратиме регионалната ескалација и поширокото проширување на конфликтот што започна со нападот на Хамас врз израелските цивили на 7 октомври – рече Рајдер.
Светските медиуми повикувајќи се на американските власти претходно јавија дека воен брод на американската морнарица соборил три ракети кои биле истрелани од Јемен и се движеле кон север.
Американски високи претставници информирале дека Ју-Ес-Ес Карни (USS Carney), разурнувач на морнарицата, бил во Црвеното Море и ги пресретнал трите проектили. Уште не е сигурно дали тие биле насочени кон Израел, додека извештаите во израелските медиуми сугерираа дека израелските одбранбени претставници веруваат дека биле.
Еден од официјалните лица вели дека САД не веруваат дека ракетите биле насочени кон бродот.
Бунтовниците Хути во Јемен, кои се поддржани од Иран, изразија поддршка за Палестинците и му се заканија на Израел.