Барбара Волтерс, првата американска женска водителка на вечерните вести и едно од најпрепознатливите лица на американската телевизија, почина во својот дом во Њујорк на возраст од 93 години.
Веста ја објави телевизијата Еј-би-си, на која Волтерс помина најголем дел од кариерата, која се протегаше низ пет децении. Својот телевизиски пат го почна на Ен-би-си во емисијата „Денешно шоу“ – “The Today Show” во текот на 60-те години на минатиот век, а работеше и како сценарист и продуцент.
Во историјата влезе како прва жена која беше дел од водителскиот пар во вечерните вести, што дотогаш беше позиција само за мажи.
Волтерс во 1997 година ја почна популарната женска разговорна емисија „Поглед“ – “The View” , а во текот на кариерата стана позната по разговорите со највлијателните и најмоќните луѓе ширум светот.
На листата луѓе со кои разговарала се некогашниот кубански претседател Фидел Кастро, британската премиерка Маргарет Тачер, либанскиот водач Муамер Гадафи, ирачкиот владетел Садам Хусеин и секој од американските претседатели со нивните сопруги почнувајќи од Ричард и Пет Никсон.
За својата работа доби 12 награди Еми, а 11 од нив освои работејќи за Еј-би-си, соопштија од телевизијата.