САД ја откажаа наградата од 10 милиони долари за фаќањето на сирискиот водач Ахмед ал Шара (номинално име: Абу Мохамед ал Џолани), по состаноците меѓу високи дипломати и претставници на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ).
Американскиот помошник државен секретар Барбара Лиф рече дека разговорот со Шара бил „многу продуктивен“ и дека тој изгледал „прагматичен“.
Американска делегација пристигна во сирискиот главен град Дамаск откако ХТШ го собори Башар ал Асад пред околу две недели. Вашингтон сè уште ја третира ХТШ како терористичка група.
Портпаролот на Стејт департментот потврди дека дипломатите разговарале за „принципите на транзиција“ поддржани од САД, регионалните настани и за потребата од борба против Исламската држава. Тој, исто така, рече дека властите бараат повеќе информации за американските граѓани кои исчезнале за време на владеењето на семејството Асад, вклучително и за новинарот Остин Тајс, кој беше киднапиран во Дамаск во 2012 година и за психотерапевтот Мајд Камалмаз, кој исчезна во 2017 година.
Оваа посета е прво официјално американско дипломатско појавување во Дамаск по повеќе од една деценија.
Таа е уште еден знак за драматичните промени што се случуваат во Сирија по соборувањето на Асад и за брзината на напорите на САД и на Европа да се обидат да влијаат врз новата сириска власт.
Посетата уследи по посетата на делегации од ОН и од различни земји, меѓу кои Велика Британија, Франција и Германија.
Во делегацијата на високи функционери се Барбара Лиф, Роџер Карстенс, кој е пратеник за прашањето за заложниците, и Даниел Рубинштајн, висок советник во Бирото за блискоисточни прашања.
Портпаролот на Стејт департментот исто така, рече дека делегацијата се ангажирала со групи од граѓанско општество и со членови на различни заедници во Сирија „за визијата за иднината на нивната земја и за тоа како САД можат да помогнат со поддршка“.
Вашингтон веќе поставува голем број услови пред да размисли за бришење на групата ХТШ од листата на терористички организации. Посетата на Дамаск е чекор напред што може да помогне кон олеснување на санкциите што ѝ беа наметнати на Сирија за време на ерата на Асад.