Соединетите Американски Држави се противат на употребата на терминот „агресор“ во врска со Русија во новата официјална изјава на групата најразвиени земји Г7, по повод третата годишнина од војната во Украина, објави „Фајненшл тајмс“, според 5 западни претставници запознаени со ова прашање.
„САД се противат Русија да се нарекува агресор во изјавата на Г7, заканувајќи се дека ќе ја попречат традиционалното покажување на единство“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Учеството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на виртуелниот самит на Г7 во понеделник, исто така, сè уште не е договорено.
Несогласувањето на САД доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Украина за војната, го опиша Зеленски како „диктатор без избори“ и предложи Русија да биде повторно поканета во Г7.
Како што им изјавиле изворите „Фајненшл тајмс“ претставниците на САД се спротивставиле на фразата „руска агресија“ и на другите слични описи што ги користат лидерите на Г7 од 2022 година за да го опишат конфликтот во Украина.
– Ние сме категорични дека мора да се прави разлика меѓу Русија и Украина. Тие не се исти. Американците го блокираат тој јазик, но ние сè уште работиме на тоа и се надеваме на договор – изјавил за „Фајненшл тајмс“ официјален претставник информиран за ова прашање.
Руската агресија беше спомната пет пати во изјавата на лидерите на Г7 минатата година.
„Ја повикуваме Русија веднаш да ја прекине својата агресивна војна и целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили од меѓународно признатата територија на Украина“, се вели во соопштението од 2024 година.
Инсистирањето на администрацијата на Трамп за омекнување на јазикот кон Русија одразува поширока промена во политиката на САД за да се опише војната како „конфликт во Украина“.
Неодамнешните изјави од Стејт департментот на САД користат слична формулација, вклучително и соопштението по средбата на државниот секретар Марко Рубио со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Ријад, каде два пати се споменува „конфликтот во Украина“.
Претходно, се дозна и дека САД, за прв пат по војната во Украина, не се коавтор на антируската нацрт-резолуција на Генералното собрание на ОН за Украина. Коавтори на резолуцијата се Обединетото Кралство, Франција, Германија, Канада, Швајцарија, Полска и балтичките земји, но не и САД.
Ова се случува во светло на неодамнешните руско-американски преговори во Ријад, како и острите изјави на американскиот лидер Доналд Трамп против украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого Трамп го нарече диктатор без избори и го обвини дека сака да го продолжи конфликтот во Украина.