Амбасадорот на САД во Приштина Џефри Ховенир изјави дека „САД имаат две барања до Владата на Косово“. Овие барања, како што посочи, се Владата на Косово да не инсистира градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од трите општински згради на север, јавува Косово Онлајн повикувајќи се на брифинг од Коха.
– Не разбираме зошто алтернативните локации или други јавни згради не можат да се користат за извршување на нивните функции – рече Ховенир на средба со новинарите во Приштина.
Американскиот амбасадор го наведе примерот со градоначалниците на северот да полагаат заклетва на алтернативни локации.
– Сметаме дека присуството на косовската полиција во зградите во кои насилно влегла е многу предизвикувачко, затоа побаравме од владата да ја повлече полицијата од овие три општински згради – рече американскиот дипломат.
Според Ховенир, преземањето на овие две акции ќе помогне да се намалат тензиите, пишува Коха, пренесува Косово онлајн.
– Многу ни е жал што ситуацијата дојде до ова, но морам да бидам искрен, таква е ситуацијата. Се надеваме дека премиерот Курти ќе го земе нашиот совет и веднаш ќе преземе чекори за намалување на тензиите на северот.
Ховенир денеска на средба со повеќе новинари во Приштина изјави дека откажувањето на учеството на Косово на воените вежби „Дефендер Европа 2023“ е првата последица за Владата на Косово бидејќи ги отфрлила повиците на Вашингтон да не ескалира ситуацијата на северот на Косово, пренесе Бета.
– Тие вежби се завршени за Косово – додаде тој.
НАТО распоредува 700 нови војници
НАТО денеска соопшти дека распоредува дополнителни сили на Косово по судирите на северот на земјата, откако вчера беа повредени 30 војници од мировните сили предводени од Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, посочи дека на Косово ќе бидат распоредени 700 војници од Оперативните резервни сили за Западен Балкан. Столтенберг рече дека дополнителен баталјон исто така ќе биде ставен во состојба на готовност.
– Распоредувањето на дополнителни сили на НАТО на Косово е внимателна мерка за да се осигура дека КФОР ги има потребните капацитети за одржување на безбедноста во согласност со нашиот мандат на Советот за безбедност на ОН – нагласи адмирал Стјуарт Б. Мунш.
Сакам да го пофалам КФОР што презема брза, воздржана и професионална акција да се интервенира за да се запрат немирите и да се спасат животи. Насилството мора да престане и сите страни мора да престанат да преземаат дејствија за поткопување на мирот во која било и во сите заедници на Косово, наведе адмирал Мунш.
КФОР соопшти дека се повредени вкупно 30 припадници на мировните сили предводени од НАТО во Косово, и тоа 11 припадници на таа мисија од италијанскиот и 19 од унгарскиот контингент, кои добиле повеќе повреди, меѓу кои и скршеници и изгореници од рачно изработени експлозивни направи.
Американскиот КФОР пристигна како засилување во Лепосавиќ, а нивните војници им се придружија на припадниците на италијанскиот контингент кои се пред општинската зграда. Косово Онлајн објави снимка од поставувањето на бодликава жица во местото:
Дијалогот не е мртов
Портпаролот на Европската унија Петер Стано денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина „не е мртов“ и дека ЕУ сега работи уште поинтензивно за да им помогне на двете страни да најдат решение во рамките на дијалогот и да ја смират ситуацијата.
– Оваа ситуација не настана ненадејно. Тоа е последица на поширок проблем меѓу двете страни кој трае подолго време и кој ЕУ се обидува да го реши од двете страни. Одговорни за настаните се двете страни и сега нивна одговорност е да најдат излез, а наше е да им дадеме поддршка во рамките на дијалогот за да се најде решение – рече Стано.
Нема договор за повлекување на косовските сили
Министерството за внатрешни работи на Косово ги демантираше информациите во медиумите дека српските демонстранти на северот на Косово и мисијата на НАТО, КФОР, постигнале договор за повлекување на специјалните единици на косовската полиција од Звечан, како и за ослободување на демонстрантите уапсени пред некој ден, пренесува косовската РТВ21.
Портпаролката на Министерството, Нора Фетоши, во одговор за РТВ 21, рече дека таков договор нема и оти единиците на косовската полиција и понатаму ќе останат на врвот на задачата за обезбедување безбедност на северот од земјата.
Вучиќ ги консултираше кинескиот и рускиот амбасадор
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се сретна со амбасадорите на Кина и Русија во Белград. Според соопштението од неговиот кабинетот, Кина ја изразила својата загриженост за инцидентот и ги поддржува напорите на Србија за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и се спротивставува на едностраните активности на Приштина.
По средбата со рускиот амбасадор беше соопштено дека Москва има „најсериозен пристап“ во следењето на развојот на ситуацијата и смета дека „развојот на настаните може да предизвика сериозна криза, дури и експлозија во целиот регион“.