„Тешко ми беше да останам смирен и концентриран после ситуацијата кога пропушти 40:0 на свој сервис за победа, но сетот отиде во тај-брејк каде што се обидов да го играм мојот најдобар тенис. Среќен сум што успеав да го направам тоа, што ме доведе во оваа ситуација“.
Вака изјави новиот шампион на Вимблдон Карлос Алкараз кој по вторпат усепа да го победи светскиот ас Новак Ѓоковиќ, откако лани го победи во пет сета.
Овојпат Србинот немаше никаква шанса, Алкараз ја заврши работата експресно, за два часа и 29 минути, славејќи со 3-0 во сетови (6-2, 6-2, 7-6).
Алкараз вторпат по ред стана шампион на Вимблдон. Во минатогодишното финале, Шпанецот го победи Србинот во пет сета.
Oваа година Алкараз тргна фуриозно, во првиот сет двапати го одзеде сервисот на Ѓоковиќ кој беше непрепознатлив и многу бавен на теренот. Идентична беше сликата и во вториот сет кој Алкараз исто така го доби со 6-2 во гемови.
Ѓоковиќ малку се подразбуди во третиот сет, но, сепак, шпанскиот тенисер направи брејк во деветтиот гем. Потоа во гемот кога требаше да го комплетира мечот со 6-4 во гемови, на свој сервис имаше предност од 40-0 во поени, но на крајот го загуби, а Србинот го искористи тоа за да се избори за тај-брејк.
Сепак, Алкараз беше повторно подобар во 13. гем, успеа да го добие со 7-4 на поени и ја слави одбраната на титулата на Вимблдон.
Како реагираше Ѓоковиќ на победата на Шпанецот? На коментарот на водителот на програмата дека Алкараз е „жежок“, што предизвика смеа, бидејќи на англиски истиот збор се користи кога некој е многу убав, се насмеа и Новак.
– Да, денеска беше многу жежок ден. Ова не е резултатот што го посакував, особено во првите два сета. Нивото на тенис не беше на ниво од моја страна. Карлос одигра добро, целосно. Спасив три меч топки, но тоа не беше доволно. Тој заслужено победи. Големи честитки за фантастичниот тенис – изјави Новак по финалето.