Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид утре против српскиот шампион Војводина на домашен терен ќе го има својот деби настап во Европа, во првото коло од второто по ранг натпреварување на стариот континент, Европската лига на ЕХФ.
На денешната прес-конференција, тренерот Кирил Лазаров пред средбата изјави дека ја подготвил екипата за овој меч. Лазаров кажа дека посакува голема борба, за да се изненади ривалот кој ја носи благата улога на фаворит.
– Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме во втората година од нашето постоење во Европската лига на ЕХФ. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа по ЛШ и тоа за нас значи многу затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи, а оваа година имаме двајца интернационалци да донесат искуство. Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо со Лигата на шампионите, има екипи кои многу пати низ историјата играле во елитата. За нас ова ќе биде голем предизвик, посебно за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме. Ќе го дадеме нашиот максимум во овој момент, нашата група воопшто не е наивна – рече Лазаров пред новинарите.
Алкалоид за противник го има тимот на Војводина, победник на третото европско натпреварување на ЕХФ.
– За да се победи во кој било европски куп треба да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајт, унгарски интернационалец и репрезентативец и заедно со белорускиот репрезентативец Пуховски, словенецот Оцвирк … тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите. Тука се и дански Силкеборг и шпанската Ла Риоха, екипи кои имаат традиција во европските натпреварувања и доаѓаат од земји кои во секој јануари се борат за медали. Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување – изјави Лазаров.
Капитенот на дебитантот во европските натпреварувања, Игор Ѓоргиев вели дека се подготвени и мотивирани да почнат со победа.
– Како млада екипа која направи голем успех минатата сезона сега ни следува нов голем предизвик, Лигата на Европа. Таму за противник ја имаме Војводина која има голем број квалитетни играчи. Јас како капитен на екипата можам да кажам дека сме мотивирани и подготвени. За нас ова ќе биде големо искуство. Подготвени сме и ја посакуваме победата. Сакам да ги поканам сите љубители на ракометот да ни дадат поддршка којашто многу ќе ни значи утре – изјави Ѓоргиев.
Зад себе Лазаров има многу големи европски натпревари, а како тренер ова ќе му биде прв дуел во еврокуповите. Како ја подготвува екипата за овој меч?
– Уживам во оваа работа и ја сакам оваа работа. Тренерството е тешка работа, но сакам да ја работам и уживам во неа. Веќе подолго време работиме и во цела година имавме тешки предизвици, посебно минатата сезона во македонското првенство кое е сè поквалитетно од година во година затоа што многу клубови инвестираат, што е добро за нас. Како поминува времето, мене како тренер ми е полесно да се подготви каков било натпревар, имаме систем, функционираме и не ни треба долго време. Потребни ни се неколку дена да подготвиме меч. Сепак, ова е европски дуел, се работи за уште поквалитетен ривал коишто сме ги имале до сега и секако дека уште повеќе време ни е потребно – одговори Лазаров на новинарско прашање.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Војводина се игра во вторник од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, а билетите се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МКТикетс“ и чинат 150 и 100 денари.