Американскиот претседател Џо Бајден ја застапува идејата Урсула Фон дер Лајен да биде следениот генсек на НАТО, откако во вторникот за една година му беше продолжен мандатот на актуелниот секретар Јенс Столтенберг, пишува Телеграф.
Извор од НАТО рече дека американскиот претседател се обидува да ја убеди шефицата на Брисел, Фон дер Лајен, која е и поранешна германска министерка за одбрана, да го наследи Столтенберг поради стравувањата дека нема да се појави соодветен кандидат во следните 12 месеци.
Лидерите на НАТО се надеваа дека ќе постигнат договор за наследникот на Столтенберг на нивниот годишен самит во Вилнус, Литванија следната недела, но не успеаја да се договорат за кандидатот.
– Ќе имаме проблем следната година кога ќе стане јасно дека ситуацијата не се разликува од оваа година – изјави друг извор.
Бајден и Фон дер Лајен изградија „силна врска“ во последниве години, поттикнувајќи блиски трансатлантски врски околу Кина, Украина и климатската политика. Се вели и дека Фон дер Лајен се потпира на разузнавачки информации од САД, а се оддалечува од Европа.
Меѓу другото Фон дер Лајен течно зборува француски, што значи дека таа најверојатно ќе ја обезбеди поддршката од Емануел Макрон, кој се спротивстави на кандидатурата на Бен Валас.
Од друга страна, Олаф Шолц, германскиот канцелар кој ѝ е политички противник на Фон дер Лајен, би сакал да ја види надвор од оваа улога.
Во приватни разговори, Фон дер Лајен, наводно, му кажала на Бајден дека нема да биде достапна да преземе каква било улога во НАТО барем до следната година. Останува и прашање дали таа ќе ја има целосната поддршка од Европарламентот.
Јенс Столтенберг ќе остане генсек на НАТО до октомври 2024 година.