Дали директорот на „Лотарија на Македонија“, Прпарим Бајрами, сака да поднесе оставка и дали неговиот шеф, Артан Груби, му врши притисок да не го прави тоа?, праша денеска албанскиот опозициски фронт во името на коалицијата Алтернатива, Движење Беса и Демократско движење.
– Доколку одговорот е позитивен, ние сме подготвени да му помогнеме да се ослободи од тој притисок, под услов тој да соработува со обвинителството – велат од Фронтот.
Неодамна беше објавено дека „Лотарија на Македонија“, со која раководи поранешниот асистент на Артан Груби, Прпарим Бајрами, изнајмила објект вреден 2,6 милиони евра од фирма во која има удел и уште еден поранешен вработен кај Груби – Шабан Амзовски, кој е и член на Управниот одбор на „Лотарија на Македонија“.
– Сè што е поврзано со бизнисот со игрите на среќа во Северна Македонија се врти околу името на првиот вицепремиер на ДУИ, Артан Груби. По овие информации, кога сѐ е на виделина, конечно се сети да дејствува и Финансиската полиција и тука се чини дека алармот е вклучен. Според информациите со кои располагаме, поранешниот асистент на Груби, актуелниот директор на „Лотарија на Македонија“ сака да си поднесе оставка, но некој му врши притисок да не го прави тоа – велат од Фронтот.
Оттаму велат дека владата СДСМ-ДУИ единствен успех има во игрите на среќа и во црните бизниси, кои опфаќаат суми од стотици милиони евра.
– Среќата во оваа несреќа е што по неколку месеци ќе има избори и граѓаните ќе се ослободат од оваа корумпирана и криминализирана политичка класа, која утре ќе даде отчет за сите овие извалкани работи – додаваат од албанскиот опозициски фронт.