Албанската влада денеска го усвои законот за повторно формирање на резервен состав на албанската армија.
Министерот за одбрана, Пиро Венгу, по владината седница изјави дека ваквата одлука дошла како „резултат на глобалната ситуација, но и како надополнување на стандардите на НАТО“.
– Постои потреба од создавање на резервни сили. Ова му дава можност на активниот армиски персонал, кој од различни причини одлучил да ги развива своите кариери во приватниот сектор, да се врати во вооружените сили и да придонесе во специфични мисии со обврски кои, исто така, може да ги покриваат мисиите на НАТО или во регионот – рече Венгу.
Тој додаде дека по изгласувањето на законот во парламентот очекува на почетокот на новата година да бидат направени првите чекори кон создавањето на резервниот состав.
– Имаме наменски финансиски пакет во буџетот за 2025 година за резервистите во износ од 15,5 милиони евра, како и натамошна обврска во следните години. Се враќаме на стандардите на НАТО и стануваме поатрактивни вооружени сили, а тоа значи дека вооружените сили имаат поширок опсег на персонал во операција. Ги сметаме за национални капацитети – рече министерот Венгу.