Албанската полиција соопшти дека десет полицајци се повредени додека се обидувале да спречат тепачка меѓу навивачите на Феенорд и Рома во Тирана пред денешното финале на Конференциската лига.
„Во насилничкото однесување на навивачите на двата тима повредени се 10 полицајци, а оштетено е едно полициско возило. Полицијата приведе 60 навивачи, 48 Италијанци и 12 Холанѓани, во полициската станица, соопшти полицијата.
Полицајците биле нападнати со стаклени шишиња, стапови, камења и други предмети.
За Албанија, финалето на Конференциската лига е најголемиот спортски настан на кој е домаќин, па властите го прогласија денешниот ден за национален празник и ги затворија главните патишта во Тирана.
Натпреварот ќе се игра на стадионот Арена Комбетаре кој има капацитет од само 21.690 гледачи. Илјадници италијански и холандски навивачи кои нема да можат да влезат на стадионот ќе го следат натпреварот во две посебни фан зони.
Албанската полиција соопшти дека презела чекори за да се спречи насилството на денот на натпреварот.