Албанија ги лансираше своите први сателити во вселената, објави премиерот Еди Рама.
Албанија-1 и Албанија-2 беа меѓу 114-те сателити лансирани во орбитата на ракетата Фалкон 9 на SpaceX која полета од Кејп Канаверал, Флорида во Соединетите Американски Држави (САД).
„Од денес, Албанија има повеќе високотехнолошки способности за контрола, заштита и управување со својата територија, обезбедувајќи витални податоци во реално време за голем број клучни аспекти на одржливиот развој“, објави Рама на социјалните мрежи.
Во септември минатата година, Албанија потпиша тригодишен договор со американската компанија Satellogic USA Inc. за „Посветено сателитско соѕвездие“.
Во соопштението по финализирањето на договорот вреден шест милиони долари, компанијата најави дека на Албанија ќе и даде „приоритетен пристап“ до два сателити.
„Satellogic ќе и овозможи на Албанија да се справи со итни прашања кои вклучуваат управување со земјоделството, нелегални култури, нелегални градежни активности, управување со сообраќајот, следење на шумските пожари, гранична безбедност и животна средина“, се вели во соопштението.