More

    Алатката за онлајн проверка на готовите лични документи не е за верување!

    spot_img

    По речиси еден месец откако беше пуштен во употреба системот за онлајн проверка на готовите документи, сепак граѓаните се жалат дека оваа алатка не функционира како што треба да функционира.

    Имено, уште на почетокот дел од граѓаните останаа збунети бидејќи налетале на известувањето „Не е пронајден запис!“, без разлика за кој личен документ станува збор.

    Во последно време, пак, доколку сакате да проверите дали вашата лична карта е готова и дали можете да ја подигнете, со внесувањето на матичниот број ја добивате пораката „Вашата лична карта е во процес“. Речиси да не постои човек кој добил поразлично известување.

    – За лична карта се фотографирав во МРТВ на 3 јануари, тогаш ми беше речено дека ќе биде готова за три недели. Бев во просториите на МРТВ по еден месец, кога беа најголемите турканици, чекав можеби 3 часа, но личната карта не беше готова. Откако беше воведен системот за онлајн проверка речиси секој ден проверував, бидејќи немам друга лична карта, но одговорот беше ист: „Вашата лична карта е во процес“!. Минатата недела бев во полициската станица Карпош, да си ја пробам таму среќата, нели и тоа е новитет сега. Му го дадов ливчето на службеникот и тој за многу брзо време ја најде и ми ја предаде личната карта. Според датумот кога е изработена – 24 јануари заклучив дека онлајн проверката не функционира како што треба – вели скопјанката Марија.

    За сличен проблем ни раскажа и скопјанецот Горан кој сака да провери дали е готова патната исправа за неговиот 7-месечен син.

    – Откако го внесувам матичниот број на синчето постојано ја добивам пораката „Вашата патна исправа е во процес“. Пријатели ми кажуваат дека ја добивале истата порака, но кога заминале лично да проверат, документите им биле готови. Не е проблем јас да отидам еднаш и да почекам, но проблемот е во тоа што треба да чекам 2-3 часа со мало бебе. Башка што треба и сопругата да биде со мене и доколку не биде готов пасошот, не можам постојано тоа да го правам – ни рече нашиот соговорник.

    Побаравме одговори од Министерството за внатрешни работи (МВР) за овој проблем со кој се соочуваат граѓаните и дали има некое решение.

    – Периодов во процес е надоградување на системот за електронска проверка за личните документи на граѓаните кои се имаат фотографирано. Инаку овој систем важи за сите лица кои се имаат фотографирано по први јануари во просториите на МРТВ, „ПС. Беко“ и ПС. „Пролет“ – нè информираа од МВР.

    Со цел да се намалат турканиците на кои бевме сведоци во минатите месеци, пред еден месец беше пуштена онлајн-алатката за проверка на личните документи. Само со впишување на матичниот број и селекција на бараниот документ, се проверува дали истиот е готов.

    „Со впишување на ЕМБГ може да се провери дали некој од личните документи е во процес на изработка или е подготвен за издавање. Ова засега важи само за лицата кои се фотографирани за патна исправа во МТВ и Пролет. Во иднина ќе се прошири за сите пунктови, како и за личните карти и возачките дозволи“, порачаа од МВР пред еден месец.

    Инаку скопјани од 11 март можат да ги подигнуваат готовите лични карти од 9 полициски станици и 5 полициски одделенија во период од 07 до 22 часот, секој ден од неделата.

    – Граѓаните на Град Скопје во периодот од 07 до 22 часот во девет полициски станици и пет полициски одделенија ќе можат да ги подигнат личните карти и тоа во Полициска станица од општа надлежност: Центар, Бит Пазар, Кисела Вода, Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир, Драчево, Аеродром, како и полициските одделенија Петровец, Арачиново, Шуто Оризари, Сарај и Мирковци – велат од СВР Скопје за Плусинфо.

    Како што ни кажаа од МВР личните карти ќе бидат во полициските станици сè до нивно подигање од страна на граѓаните.

    Во претходниот пилот-проект, полициските службеници требаше да ги носат личните карти на домашна адреса, а доколку не го најдеа сопственикот дома, по една недела документите се враќаа во МРТВ.

    Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски претходно соопшти дека со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти.

    – Пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава така што граѓаните можат во кое било време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење – рече Тошковски пред десетина дена.

    За потсетување пасошите со новото уставно име мора лично да се подигнат во просториите во МТВ, но новитет е дека граѓанинот ќе добие СМС кога и во колку часот ќе може да ја подигне готовата патна исправа. Истото важи и за возачките дозволи кои мора лично да се подигнат во просториите на МТВ. Но во МВР се разгледува можноста овој документ кога ќе биде готов исто така да може да се земе од најблиската полициска станица, исто како и личните карти.

    Од МВР нè информираа дека од 05.07.2021 до 14.03.2024 бројот на примени барања за лични карти со новото уставно име е 1.204.191, за патни исправи е 1.433.008, додека за возачки дозволи бројката е 626.011.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img