Лидерот на исламистичката коалиција, што ја презеде власта во Сирија, Абу Мухамед ал-Џолани, во интервју за Тајмс изјави дека нема да дозволи земјата да се користи како база за напади врз Израел или врз други земји.
Сепак, тој го предупреди Израел да ги прекине воздушните напади врз Сирија и да ги повлече војниците што ги распореди од територијата на земјата по падот на режимот на Башар Асад.
– Оправдувањето на Израел беше присуството на Хезболах и на проирански вооружени групи, но тоа оправдување веќе го нема. Ние не сакаме конфликт со Израел или со некој друг и нема да дозволиме Сирија да се користи како отскочна даска за напади. На сирискиот народ му треба одмор, ударите мора да престанат и Израел мора да се повлече на претходните позиции – рече ал-Џолани.
Во меѓувреме, 36 цивили се повредени во израелските бомбардирања на неколку воени локации на сирискиот брег.