Претседателот Стево Пендаровски денеска попладне по македонско време во Њујорк ќе присуствува на отворањето на генералната дебата на 78. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации.
Предвидено е претседателот Пендаровски да се обрати на генералната дебата во петок, 22 септември 2023 година.
Претседателот Пендаровски денеска доцна попладне по македонско време ќе оствари билатерални средби со Кралот на Јордан, Абдула Втори и со претседателот на Република Кипар, Никос Христодулидес.
Во текот на денешниот ден претседателот Пендаровски ќе присуствува на работен ручек организиран од потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Вечерва претседателот Пендаровски ќе присуствува на прием организиран од претседателот на САД, Џо Бајден.
Во текот на вчерашниот ден претседателот Пендаровски се обрати на самитот посветен на исполнувањето на Целите за одржлив развој, оствари средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, како и кратки средби со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар, премиерот на Шведска Улф Кристерсон и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен.
Вчеравечер претседателот Пендаровски присуствуваше на приемот по повод 50-годишнината од членството на Сојузна Република Германија во Обединетите Нации, приреден од Канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, сојузниот министер за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок и сојузниот министер за економска соработка и развој на Германија, Свења Шулце.