Вкупно 53 пожари на отворен простор низ државава се евидентирани во текот на вчерашниот ден. Од нив во моментов, 12 сѐ уште се активни, 6 се под контрола, а 35 се изгаснати, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според соопштеното, три од активните пожари се на територија на Општина Македонски Брод. По два се водат како активни во општините Кичево и Чашка. Огнените јазици се активни и во регионот на општините Дебар, Долнени, Новаци, Пласница, Ресен.
Од оние пожари под контрола, првиот е во Општина Демир Хисар, на Илинска – Плакенска Планина, кај селата Вирово и Слоештица, каде опожарена била ниска вегетација.
Вториот е во Општина Битола, на територија на село Острец, каде опожарени биле сува трева и густа мешана шума. Мешана шума била опожарена и во пехчевското село Негрово, како и на територија на Општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Под контрола е ставен и пожарот на депонијата во Општина Делчево. Букова шума горела меѓу селата Болно и Илино во ресенскиот регион.