Во бисквитите увезени од Босна и Херцеговина повторно е откриено високо ниво на акриламид, соединение за кое постои сомневање дека придонесува за развој на рак.
Ова е веќе трет случај во изминатата година. Акриламид во бисквити од БиХ првпат бил откриен минатата година во мај, потоа во октомври и оваа недела во петокот, пренесува Даница.хр.
Како што соопшти денеска Европската агенција за брзо предупредување во сообраќајот со храна, ризикот бил сериозен, но навреме бил откриен. Имено, акриламид бил утврден од санитарната контрола на хрватската граница, а шлеперот со робата веднаш бил вратен во Босна и Херцеговина.
Земја на апликација е Хрватска, а потеклото на производот е Босна и Херцеговина, наведува европската агенција.
Акриламид најчесто може да се најде во леб, пржени компири, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери, кафе. Според хрватската агенција за храна, се проценува дека присуството на акриламид во храната може да го зголеми ризикот од развој на рак кај сите возрасни групи.