Плаќањето на данокот е еден начин на манифестирање на лојалност кон државата и токму во тој контекст Стопанската комора побара од Уставниот суд да го воведе инструментот времена мерка за Солидарниот данок се додека не донесе конечна одлука дали со неговото воведување се крши Уставот, истакна денеска Анета Трајковска од Стопанската комора.
Како што кажа, иницијативата е поднесена на 12 октомври и во неа е побарана времена мерка токму поради кратките рокови предвидени во законот со цел да се спречи евентуално настанување на некои последици кои потоа потешко може да се санираат.
– Во функција на заштита на нашите компании членки е поднесено барањето за времената мерка, останува Судот да си ја донесе својата одлука – рече Трајковска.
Таа нагласи дека рокот во кој компаниите треба да го платат солидарниот данок истекува на 25-ти овој месец.
– Ако Судот не донесе одлука до утврдениот законски термин нормално е дека треба да се почитуваат законите и легитимните постапки коишто се во сила – рече Трајковска.
Таа посочи дека Законот за солидарен данок како никогаш досега го обедини бизнис секторот и истакна дека менувањето на ставката на ДДВ-то за некои основни прехранбени производи од 5 на 10 отсто негативно влијае на бизнисот.
– Стопанската комора и сите бизнис асоцијации во однос на законот за солидарен данок се обединија токму поради правото за одредена гарантирана правна заштита. Значи, во случајот на бизнисот му е потребно загарантирана правна заштита во однос на своето делување. Кога зборувам за тоа, значи дека оваа добивка која што ја оствариле компаниите ја оствариле во 2022 година. Таа добивка ја планирале во претходниот период кога важела одредена законска регулатива и штом веќе се нарушува тој процес на планирање нормално е дека фирмите ќе се обединат во функција на обезбедување на гаранција за своето право – рече Трајковска.
Според неа, бизнисот го чувствува прелевањето на ликвидноста, како што кажа, од приватниот во државниот сектор.
-Во последно време се чувствува тоа прелевање на ликвидноста. Во тој контекст мора да се направат компромисни решенија за да се направат вистинските работи. Сегашните ад-хок решенија не се решенија кои треба да му обезбедат понатамошен раст и развој на бизнисот. Ако развојот на едена економија е поттикнат преку зголемување на производството и зголемувањето на обемот на услугите мора да делуваме во насока да овозможиме бизнисот што повеќе да произведува и да понуди што повеќе услуги за на тој начин да се платат повеќе даноци и на тој начин да се полни Буџетот и со тоа да се обезбедува ликвидноста и на буџетската страна, но и на бизнисот во делот на своето работење – прецизира Трајковска.