Луѓето кои јадат многу заситени масти, таканаречените лоши масти кои се наоѓаат во путерот или говедското месо, на пример, имаат поголема веројатност да развијат рак на белите дробови во споредба со луѓето кои практикуваат диета со малку маснотии, покажа истражувањето.
Во споредба со возрасните кои не јаделе многу маснотии, луѓето кои јаделе најмногу масна храна имале 14 отсто поголеми шанси да развијат рак на белите дробови, покажа студијата.
За сегашните и поранешните пушачи, дополнителниот ризик од рак на белите дробови, како резултат на мрсна исхрана, е 15 проценти.
Иако најдобриот начин да се намали ризикот од рак на белите дробови е да се избегнуваат цигарите, „здравата исхрана исто така може да помогне да се намали ризикот од развој на рак на белите дробови“, вели коавторката на студијата Данксиа Џу од Медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт во Тенеси.
„Нашето откритие покажува дека зголемувањето на внесот на незаситени масти додека се намалува внесот на заситени масти, особено кај пушачите и оние кои неодамна престанале да пушат, може да помогне во спречување не само кардиоваскуларни болести, туку и рак на белите дробови“, рече таа.
Американското здружение за срце препорачува медитеранска исхрана за спречување на кардиоваскуларни болести.
Акцентот е ставен на подготовка на храна со растителни масла кои содржат незаситени масти, како и конзумирање јаткасти плодови, овошје, зеленчук, млечни производи со ниска содржина на масти, но и ограничување на внесот на црвено месо, шеќер и сол, пренесува Index.hr.
„Овие препораки се исти за превенција од срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес, а би рекол дека се исти и за превенција на ракот воопшто, особено на белите дробови“, вели д-р Нејтан Бергер, истражувач од „Case Western Reserve University” и “University Hospitals Cleveland”. Медицински центар”, кој не бил вклучен во истражувањето.